Со свечена академија, положување цвеќе и доделување награди денеска ќе биде одбележан Денот на народното востание - 11 Октомври.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе се обрати на свечената академија, што под нејзино покровителство ќе се одржи во Музејот на македонската борба за самостојност.
Владини и собраниски делегации ќе положат цвеќе во Скопје, Прилеп и Куманово.
Премиерот Христијан Мицкоски, по повод Денот на народното востание посочи дека оваа година одбележуваме 83 години желба за слободна Македонија, а народниот дух на пркост и непокор што беше демонстриран на тој 11 Октомври трае и ден денес.
„Тој е движечката сила за промени и подобро утро. Тоа е мислата што не влече напред, дека секогаш мора и може подобро. Ако нашите дедовци имаа за цел да ја ослободат државата, наша цел е да ја развиеме Македонија. Иако се соочуваме со предизвици, ние зачекоривме во ера на економска трансформација и назад од тоа нема. Се обврзавме пред граѓаните дека повторно ќе ја вратиме државата во нивни рацее и работиме на тоа преку конкретни реформи, проеекти и примени што се клучни за рестарт на институциите и на систеемот“, се вели во честитката на премиерот.
Според премиерот, ерата пред нас ќе биде одбележана со економски напредок и развој, правна сигурност на системот и владеење на правото, што само по себе подразбира бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, иднината за сите граѓани, проекти за развој, надеж што носи позитивни промени, нови работни места, перспектива за младите и конечно обезбедување на подобар и поквалитетен животен стандард.
„Како генерација политичари, немаме втора шанса и оваа шанса и доберба што ни ја дадовме мораме да ја зграпчиме и од истата да извадиме најмногу што можеме. Тоа им го должиме на сегашните, но и на идните генерации на кои мораме да им обезбедиме иднинатата да ја градат тука, зашто тоа ние аманет од тие пред нас. Само заедно сложни Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци мораме да градиме единство, иднина и просперитет“, стои во честитката од Мицкоски.
И претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, со констатација дека на денешен ден со гордост и чест им оддаваме заслужена почит на македонските партизани кои во 1941 година се кренаа на востание и ја започнаа народноослободителната борба.
„11 Октомври е меѓникот што ја одреди нашата сегашност и иднина, денот кога ние храбро и одлучно се вклучивме во антифашистичката коалиција на слободољубиви и правдољубиви народи, со што ја избравме вистинската страна во најголемата војна во историјата на човештвото, цврсто решени да ги победиме окупаторите и да се избориме за слободна национална држава. Благодарни на хероите за нивната натчовечка жртва, имаме одговорност кон нив, но и кон нашите деца и внуци да продолжиме да ја градиме македонската држава согласно идеалите што ни ги оставија во аманет, оти чувањето на татковината е важно колку и чинот на нејзиното ослободување. Секоја генерација се соочува со нови предизвици“, рече претседателката.
Таа истакна дека изминативе 33 години се боревме за признавање на независноста и добивање заслужено место во европското семејство и во меѓународните организации, за зачувување на мирот и градење демократија.
„Борбата за нашите правдини, но и за правна држава, продолжува. Да ве потсетам: нашите предци се сплотија и заедно го постигнаа она што не можеа да го остварат засебно – слободна македонска држава. Ве повикувам да ги надминеме меѓусебните делби и да се обединиме во заедничката борба за просперитетна европска држава и за праведно македонско општество“, стои во честитката од Силјановска Давкова.
Во Кристалната сала на Собранието денеска ќе биде доделена државната награда „11 Октомври“ на годинашните добитници на највисокото признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес на земјава.
Истражувачот на македонскиот фолклор проф. д-р Марко Китевски е добитник на наградата во областа на науката, а за животно дело во областа на културата и уметноста наградата им се доделува на мултимедијалниот уметник Љупчо Каров, академскиот сликар Владимир Темков и драмскиот актер и продуцент Јовица Михајловски.
На 11 октомври 1941 година Првиот прилепски партизански одред го нападна полицискиот участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.
11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.
Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција државава застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности. Македонскиот народ самостојно се избори за својата слобода.
Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највиок ранг како корпуси и дивизии.
За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети.
Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.
Минувајќи го патот на својот повеќедецениски развој и растеж како дел од СФРЈ, а потоа и како самостојна држава, пребродувајќи го конфликтот во 2001 година, Северна Македонија, денес е полноправна членка на Обединетите нации, членка на НАТО и очекува одржување на првата меѓувалдина конференција која означува старт на преговорите за членство со Европската Унија.