Додик за рускиот весник „Известија“ рече дека Босна и Херцеговина исчезнува / Photo: AA

Лидерот на босанските Срби Милорад Додик изјави дека очекува победата на Доналд Трамп на претстојните претседателски избори во САД да ја отвори вратата за прогласување независност на Република Српска, додавајќи дека властите на тој ентитет не се откажале од таквата цел и покрај предупредувањата од Западот.

Во интервјуто што во понеделникот го објави рускиот провладин весник „Известија“ на својата веб-страница, Додик рече дека „БиХ исчезнува“ и затоа РС ќе бара начини да ја зајакне својата независност.

„Чекаме некои големи сили да кажат дека српскиот народ има право на самоопределување. Никогаш не се откажавме од потребата да ја зајакнеме нашата Република Српска и нема да ја пропуштиме можноста да го заштитиме својот статус на мирен начин. На пример, ако Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД, може да се појават одредени услови за тоа да се случи. Сè уште може да биде. Мислам дека е погрешно да се каже дека тоа никогаш нема да се случи“, изјави Додик, кој минатата недела беше во Татарстан и таму се сретна со рускиот претседател Владимир Путин.

На прашањето на „Известија“ дали веќе годинава е можен референдум за независност на РС, Додик одговори дека останува да се види. Коментирајќи ја можноста РС да ѝ се приклучи на Србија по прогласувањето независност од Босна и Херцеговина, Додик објасни дека тоа го гледа како право на обединување на сите Срби според моделот со кој се обединија Источна и Западна Германија.

Во интервјуто Додик отворено ја бранеше политиката на Москва и се залагаше за продолжување на кампањата против Украина, вклучувајќи го и тврдењето дека Русија има целосно право на Крим „кој никогаш не бил украински“.

„Сметам дека Русија не треба да го остави ова прашање недовршено. Ако прашањата во кои западните сили продолжат да се мешаат останат недовршени, позицијата на Русија ќе ослаби. Ако се решат сите прашања во стратешки важни области, тоа ќе и даде сила на Русија и на целиот свет“, рече Додик.

HINA
Популарни