Судскиот процес против него Додик го нарече циркус / Photo: AA

Милорад Додик, претседателот на Република Српска во Судот на Босна и Херцеговина во Сараево изјави дека не се чуствува виновен, ниту дека го разбира обвинението против него покренато поради неспроведување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница, Кристијан Шмит.

Обвинението поднесено од Обвинителството на Босна и Херцеговина ги товари Додик и Милош Лукиќ, вршител на должноста директор на Службен весник на РС, за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ. И Лукиќ рече дека не го разбира обвинението.

Додик тврди дека против него е започнат чисто политички процес без никаква правна основа, во кој сакаат да се пресметаат со Република Српска и со него како претседател, нагласувајќи дека Обвинителството на БиХ е незаконско бидејќи „никаде во Уставот на Босна и Херцеговина не се вели дека Босна и Херцеговина има суд и обвинителство.

„Не можам да верувам дека Обвинителството и Судот, вака засновани, имаат правници кои го игнорираат фактот дека Уставот на БиХ вели дека законодавната дејност во БиХ ја врши само Парламентарното собрание и никој друг и невозможно е да прифатат дека странец кој е неовластен, кој не бил назначен од страна на Советот за безбедност на ОН, па дури и да го стори тоа, да има право да отвори процес кој е чисто политички по природа“, рече Додик.

Тој посочи дека почитувајќи го Уставот на РС, го потпишал указот за прогласување на законот, со кој целата процедура поминала во Народното собрание на РС.

Тој нагласи дека Бошњачкиот народен клуб во Народниот совет на РС не го покренал прашањето за утврдување повреда на виталниот национален интерес на тој закон.

Додик рече дека ќе се брани на секој начин како претседател на РС бидејќи дошол во судницата „каде јасно покажале како се однесуваат кон уставниот поредок во БиХ“.

Тој објасни дека биле истакнати две знамиња, БиХ и Федерацијата БиХ, но немало знаме на РС.

„Обвинението го добив на латиница, а се знае дека сум припадник на српскиот народ и побарав да ми биде доставен на кирилица. Се обидоа да ми го подметнат обвинението во текот на сослушувањето кое е во кирилица, а го игнорираат моето уставно право да го добијам во писмена форма и јазик што го разбирам. Обвинението е неразбирливо бидејќи е покренато врз основа на тоа што (поранешниот висок претставник во БиХ Кристијан) Шмит, кој очигледно е загрозен од суетата, овде прокламира закони кои велат дека секој што не го почитува неговото злодело може да оди во затвор пет години“, рече Додик.

Тој додаде дека ова е процес кој ќе покаже дали БиХ има Устав или не и наведува дека „колку што може да види, пресудата е донесена“.

Процесот го нарече циркус, најавувајќи дека ќе присуствува и на следните рочишта.

Колегите од СНСД, претставници на Советот на министри и на Парламентарното собрание на БиХ, како и граѓани го поддржаа Додик.

За кривичното дело за кое се товарат Додик и Лукиќ се предвидува казна затвор од шест месеци до пет години.

AA
Популарни