Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на посетата на Тирана изјави дека на средбите со албанските претставници ја потврдиле нивната решеност за натамошно подобрување на соработката во многу области.
Ердоган и албанскиот премиер Еди Рама одржаа заедничка прес-конференција по средбата и церемонијата на потпишување на Заедничка декларација за продлабочување на стратешкото партнерство кое е воспоставено со формирањето на Советот за соработка на високо ниво
Турскиот претседател го изрази своето задоволство од посетата, како што рече, на пријателска и братска Албанија, каде што го одржаа вториот состанок на Советот за соработка на високо ниво.
„Минатата година ја прославивме 100-годишнината од воспоставувањето на нашите дипломатски односи. Нашите пријателски односи со Албанија, зајакнати со историските врски и културната блискост, всушност се протегаат повеќе од еден век“, рече Ердоган.
Подобра соработка
Тој додаде дека денешните средби дополнително го продлабочиле стратешкото партнерство воспоставено во 2021 година.
Ердоган нагласи дека со потпишувањето на заедничката декларација уште еднаш ја истакнале нивната определба за развој и зајакнување на Советот за соработка меѓу двете земји во различни области.
„Ја потврдивме нашата решеност да ја подобриме соработката преку договорите што штотуку ги потпишавме во областа на земјоделството, високото образование и односите со јавноста и комуникациите. Нашите иницијативи во областа на трговијата и инвестициите ги гледаме како чекори кои ќе ја зголемат благосостојбата на наши граѓани. Во овој контекст, продолжуваме со нашите заеднички напори за зголемување на трговската размена на две милијарди долари во првата фаза. Исто така, силната соработка во здравството ќе ја продолжиме со заедничка работа на Болницата на пријателството Фиер, изградена во рекордно време во 2021 година“, рече Ердоган.
Тој посочи дека официјална Анкара ќе обезбеди „неопходна поддршка за задоволување на потребите на вооружените сили на нашиот стратешки партнер и НАТО сојузник Албанија во областа на воената опрема и обуката“.
„Со премиерот Рам разговаравме и за заедничката борба против терористичките организации, особено ФЕТО. Се надеваме дека ефикасно ќе ја продолжиме нашата борба против терористичките организации преку одлуките што ги донесовме денеска“, рече Ердоган.
Газа и Либан
Тој нагласи дека со Рам разговарал и за глобални и регионални прашања.
„Израелските злосторства на окупираните палестински територии, особено во Газа и Либан, беа меѓу приоритетните точки на агендата на нашата средба“, рече тој.
Ердоган рече дека на средбата се согласиле дека агресијата на владата на Бенјамин Нетанјаху станала закана за глобалниот поредок надвор од регионалните рамки.
„Геноцидот што трае една година во Газа е заеднички срам на целото човештво. Поради оваа причина, ние, како меѓународна заедница, мораме да направиме се за да обезбедиме траен прекин на огнот, да испорачаме хуманитарна помош и да го извршиме потребниот притисок за Израел“, рече турскиот претседател.
На крајот тој изјави дека заедно со албанскиот премиер Рама ќе ја отвори џамијата Намазѓа во Тирана, која, како што рече, е „подарок од турскиот народ за браќата муслимани во Албанија“.
„Ова величествено дело, најголемата џамија на Балканот, ќе биде свето место каде ќе процвета чувството на мир и единство, врвните вредности на исламот“, рече Ердоган.
Ердоган денеска пристигна во посета на Тирана, каде се сретна со албанскиот претседател Бајрам Бегај и премиерот Рама.
Во рамките на посетата на Албанија, турскиот претседател ќе ја отвори и Големата џамија во Тирана, која ја носи титулата најголема џамија на Балканот. Џамијата Намазга е изградена со финансиски придонес на турската Дирекција за верски прашања и турската фондација Дијанет (ТДВ).
Турскиот претседател вечерва по Тирана ќе отпатува за Србија каде во петок ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ.