По средбата Ердоган -Рама потпишан е Протокол за соработка меѓу ТРТ и Албанската радио и телевизија / Photo: AA

Туркије и Албанија се членки на НАТО алијансата кои играат улога во зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот на Балканот, изјави во четвртокот турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Во турскиот главен град Анкара, Ердоган одржа прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, кој е во еднодневна посета на Туркије.

Ердоган, исто така, посочи дека Албанија е на вистинската страна на историјата за време на гласањето на Генералното собрание на Обединетите нации минатиот декември за вонредниот хуманитарен прекин на огнот во Појасот Газа.

Тој ја истакна важноста на солидарноста на Албанија со „угнетениот палестински народ“ кој е изложен на израелските напади врз Газа повеќе од четири месеци, во кои беа убиени околу 30.000 луѓе.

Ердоган се осврна и на терористичката организација ФЕТО, која го организираше неуспешниот пуч во Туркије во 2016 година.

„Нема да ѝ дадеме шанса на таа злобна мрежа која се обидува да ги затруе нашите односи, ќе продолжиме со нашата борба против нив“, рече турскиот претседател.

Ердоган истакна дека Туркије го зголемила обемот на трговската размена со Албанија на една милијарда долари, а сега се обидува да ја удвои на две милијарди долари.

Албанскиот премиер Рама ги коментираше израелските напади врз Појасот Газа, велејќи дека е време за прекин на огнот, дека заложниците мора да се ослободат и дека Туркије е незаменлив актер во постигнувањето решение.

Во рамки на посетата се одржа и првиот состанок на високо ниво на Советот за соработка меѓу Туркије и Албанија, со кој претседаваа Ердоган и Рама. По средбата беа потпишани шест договори меѓу двете земји.

Потпишан е Протокол за соработка меѓу ТРТ и Албанската радио и телевизија, Меморандум за разбирање меѓу Претседателската управа за комуникации на Туркије и Агенцијата за информации на Република Албанија за соработка во областа на медиумите и комуникациите.

Потпишани беа и Меморандумот за разбирање меѓу Владата на Република Туркије и Владата на Албанија во областа на одржливо управување со шумите и заштитените подрачја, Рамковниот воен договор меѓу Албанија и Туркије, Договорот за развојна соработка и Договорот за Статусот на Канцеларијата за координација на програмата ТИКА во Албанија.

Претставниците на двете земји потпишаа и Меморандум за разбирање во областа на животната средина.

AA
Популарни