Портпаролот на Владата, Марија Митева, денеска на прес-конференција изјави дека не се исполнети законските услови за протестот што го одржа Синдикатот на вработените во администрацијата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) и истакна дека постојат сомневања дека тој е политички мотивиран.
Таа подвлече дека Владата е партнер на сите и е отворена за сите предлози и сугестии.
„Најнапред да истакнам дека Владата е партнер на сите, дека сме спремни да ги прифатиме сите предлози и сугестии. Ова е во насока на висока подготвеност која ја имаме да разговараме на сите теми. Но дозволете ми да истакнам дека не изненадува фактот што токму УПОЗ како прв чекор го презема штрајкот, наместо дијалогот кој е прв демократски начин и метод за функционирање. Сакам да ја потсетиме јавноста дека за само шест месеци успеавме да постигнеме договор за покачување на платите на вработените во здравството, во образованието, се покачија и пензиите“, рече Митева.
Таа посочи дека Владата обезбедила и додаток на плата и К-15 на сите вработени.
„И повторувам, подготвени сме да разговараме на секоја тема, но воедно дозволете ми да истакнам дека секој штрајк треба да биде организиран во согласност со Законот за работни односи и колективните договори, да биде најавен согласно Законот, да биде спроведена и постапката за помирување која воедно е задолжителна и да се определат нужни работи кои мора да се вршат. Бидејќи за жал ниеден од овие постоечки законски услови не е исполнет, говори за незаконитост на штрајкот и отвара силен сомнеж дека овој штрајк е политички мотивиран“, рече портпаролката.
Според неа, има бројни механизми преку кои можат да се отворат овие прашања, а воедно тоа е и Економскиот социјалниот совет, кој го формираше Владата каде практично синдикатот партиципира и требале и можеле да го отворат ова прашање.
„Интересно е што изминативе години овој синдикат како да молчеше за ова прашање и со жалење мораме да истакнеме дека отворено се сомневаме дека зад ваквиот чекор стои политичка позадина на Синдикатот кој делува како продолжена рака на партиите, кои досега за жал ги злоупотребуваа правата на работниците. Прашуваме, дали ова е начинот на кој што се злоупотребува синдикалното движење во државата?“, праша Митева.
Таа истакна дека како Влада гледаат реално на работите и не се задоволни од нивото на платата во администрацијата.
„Но повторувам, потенцираме дека дијалогот е вистинскиот начин за изнаоѓање на решенија“, рече Митева.
Утрово вработените во шест министерства и две институции стапија во полчасовен штрајк во 11 часот пред Министерството за животна средина за повисоки плати.
Тие неделава ќе штрајкуваат секој ден од 11 до 11.30 часот, а во петок ќе штрајкуваат пред Министерството за финансии.
Тие се разочарани што Владата не обезбедила средства за потпишување на колективниот договор, што би значело зголемување на платите за 30 отсто и покрај преговорите со нив и навременото доставување на предлогот до Министерството за финансии.
„Платата на вработените во институциите кои денеска протестираат почнува од 25.010 денари. Просечната плата во овие институции е приближно 29.000 денари, додека просечната плата во земјава е 42.124 денари. Додатокот од 30 отсто што го бараме значи дека вработените би добиле 6.000 денари, сума со која би им се зголемила платата, но и покрај тоа сите вработени би биле под републичкиот просек. Ова наше барање е старо повеќе од четири години. Со години протестиравме и штрајкувавме за овој додаток на плата, но за жал ниту една влада никогаш не ни го слушна гласот“, изјави Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на вработените во администрацијата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).
Протестираа вработените во Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за земјоделство, Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерството за транспорт, Државниот завод за статистика а Државниот архив.