Ердоган е во Хрватска во рамките на регионалната турнеја во која претходно ги посети Босна и Херцеговина и Србија Фото: АА

Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, по средбата со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска во Загреб, изјави дека Дејтонскиот мировен договор не донесе решение во Босна и Херцеговина и дека лидерите на Бошњаците , Србите и Хрватите треба сами да одлучуваат во БиХ.

Ердоган е во Хрватска во рамките на регионалната турнеја во која претходно ги посети Босна и Херцеговина и Србија. По средбата со хрватскиот колега Милановиќ, Ердоган на заедничката прес-конференција изјави дека Туркије и Хрватска се две пријателски и сојузнички земји.

Како еден од примерите за добри односи меѓу двете земји, Ердоган наведе дека за време на неодамнешните земјотреси и шумски пожари што ја погодија Хрватска, Туркије беше меѓу првите кои помогнаа.

Денеска овде потпишавме три договори“, рече Ердоган.

На средбата со Милановиќ се разговараше за регионални прашања, како и за руско-украинската војна, а Ердоган додаде дека една од темите за која имале можност опширно да разговараат биле претстојните избори на 2 октомври во Босна и Херцеговина.

Кога станува збор за трговската размена меѓу Туркије и Хрватска, Ердоган рече дека лани таа изнесувала 900 милиони долари, што е зголемување за 41 отсто. Тој подвлече како ќе работи на зголемување на трговската размена.

Ердоган рече дека Туркије внимателно го следи развојот на настаните на Балканот и продолжува да ги дава потребните придонеси во овој контекст.

„На нашите состаноци разговаравме за чекорите што може заеднички да се преземат за зачувување и зајакнување на мирот и стабилноста во Југоисточна Европа. Ја потврдивме нашата поддршка за мирот, стабилноста и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и европската интеграција“, рече Ердоган.

На новинарско прашање за ситуацијата во Босна и Херцеговина, Ердоган рече дека верува оти изворот на проблемот лежи во самиот Дејтонски договор.

„Дејтон (Дејтонскиот мировен договор), за жал, не е договор што донесе решение за Босна и Херцеговина. Во тогашните услови, тоа што лично го слушнав од покојниот Алија Изетбеговиќ, кој ми рече: „Ништо друго не можевме.“ Така што тој не беше задоволен“, рече Ердоган и додаде:

„Во Босна и Херцеговина имаме Бошњаци, Срби и Хрвати. Имаме лидери кои ги претставуваат овие народи. Одлуките во врска со БиХ треба да ги донесат овие лидери, заедно и со разбирање“.

На крајот, Ердоган додаде дека единството, заедништвото и интегритетот на Босна и Херцеговина се многу важни, дека земјата платила голема цена и дека се надева дека тоа нема да се повтори.

Зборувајќи за руско-украинската војна, Ердоган рече дека очекуваат испораката на жито од Русија да започне што е можно поскоро.

Кога станува збор за извозот на жито од Украина, Ердоган рече:

„За жал, житото што доаѓа во пратки (од Украина) оди во богатите земји, а не во сиромашните земји“.

Тој додаде дека додека продолжуваат санкциите против Русија, фактот што испораките на жито одат во земјите што ги воведуваат овие санкции го загрижува рускиот претседател Владимир Путин.

Ердоган рече дека во Семарканд ќе се сретне со Путин, а на таа средба ќе се разговара и за извозот на жита од Русија.

AA
Популарни