Во операција координирана од Европол, полициите на Хрватска и Босна и Херцеговина пред два дена уапсија 16 шверцери на мигранти.
Се верува дека осомничените се одговорни за најмалку 12 случаи во кои најмалку 159 мигранти биле прокриумчарени од Босна и Херцеговина во Хрватска преку реката Сава.
„Осомничените свесно ги загрозиле животите и безбедноста на мигрантите во преполнети чамци. Откако ќе ја преминале реката, мигрантите тајно биле превезувани со разни видови возила. Криејќи ги во патнички возила или во делови наменети за транспорт на товар во камиони, криминалците ги префрлале мигрантите во Словенија, Италија, Германија и други земји од Европската унија. Се проценува дека на овој начин шверцерите заработиле најмалку 80.000 евра“, велат од Европол.
Акциите беа спроведени истовремено во Славонски Брод во Хрватска и во Босански Брод во Босна и Херцеговина.
Во Хрватска уапсени се 11 лица, претресени се десет станови и десет возила. Пронајден е гасен пиштол, банкарски картички, 38 мобилни телефони, пет таблет компјутери, флуоресцентен елек со натпис „Полиција“ и електронски уред за плаќање патарина на автопатите.
Во Босна и Херцеговина се уапсени пет лица, претресени се пет станови, а пронајдени се 1.500 евра во готовина.
Европол обезбеди поддршка на лице место и испрати свои експерти од Огулин, Хрватска, да учествуваат во рациите во Славонски Брод, каде што извршија вкрстени проверки на лица, телефонски броеви и други информации.
Експертите на Европол ја поддржаа оваа акција и од седиштето на Европол во Хаг, со обезбедување аналитичка поддршка во реално време.
Операцијата се одвиваше под покровителство на Оперативната ударна група (ОТФ) формирана во март 2023 година.
Групата вклучува полициски агенции од Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина, со фокус на организираните криминални мрежи за криумчарење мигранти кои се активни на рутата на Западен Балкан.
Европол обезбедува поддршка за OTФ и неговите членови преку аналитичка и оперативна, како и финансиска поддршка.
Со користење на мрежата за безбедна размена на информации на Европол (СИЕНА), сите органи во оперативната група можат да комуницираат меѓу себе на безбеден начин.