Минатата недела Европската комисија објави извештај во кој заклучи дека БиХ доволно ги исполнува условите за почеток на пристапните преговори со ЕУ / Photo: AA

Европскиот совет во четврток донесе одлука за отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина.

Одлуката е донесена на денешниот самит на лидерите на земјите од Европската унија (ЕУ) во Брисел, а информацијата ја потврди и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на својот Х профил.

„Европскиот совет штотуку одлучи да ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина. Честитки! Вашето место е во нашето европско семејство. Денешната одлука е клучен чекор напред на вашиот пат кон ЕУ. Сега треба да продолжиме со напорната работа за да Босна и Херцеговина може стабилно да напредува, како што сака вашиот народ“, изјави Мишел.

Минатата недела Европската комисија објави извештај во кој заклучи дека БиХ доволно ги исполнува условите за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

Во декември 2023 година, водачите на ЕУ ја изразија својата подготвеност да ги отворат пристапните преговори кога БиХ ќе го постигне неопходното усогласување со критериумите за членство во ЕУ. Тие ја повикаа Европската комисија (ЕК) да поднесе извештај до Европскиот совет за напредокот најдоцна до март годинава, со цел да се донесе одлука.

Босна и Херцеговина доби статус на кандидат за членство во ЕУ во декември 2022 година, речиси седум години откако аплицираше за членство во ЕУ во февруари 2016 година.

Според мислењето на Европската комисија од 2022 година, беше наведено дека БиХ мора да спроведе 14 клучни приоритети поврзани со областите на демократијата и функционалноста на државата, владеењето на правото, основните права и реформата на јавната администрација, за да се усогласат со критериумите за членство во ЕУ.

TRT Balkan / агенции
Популарни