Фидан и Грлиќ-Радман најавија средба на трилатералниот формат кој ги обединува Туркије, Хрватска и БиХ / Photo: AA

Министерот за надворешни работи на Република Туркије Хакан Фидан изјави дека зачувувањето на мирот и просперитетот на Балканот е во сечиј интерес и ја повтори својата поддршка за стабилноста, суверенитетот и интегритетот на Босна и Херцеговина.

Фидан во Анкара го прими министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ-Радман, кој е во повеќедневна официјална посета на Туркије.

„Хрватска е наш важен пријател со кој имаме силни историски и културни врски и со кого соработуваме за зајакнување на мирот и просперитетот на Балканот. Нашите односи на политичко поле се на многу високо ниво, а дополнително се подобрија со посетата што нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја имаше во Загреб пред две години“, рече Фидан.

Нагласувајќи дека на денешната средба Туркије и Хрватска изразиле намера и волја за натамошно зајакнување на билатералните односи и соработка на сите полиња, Фидан рече дека новата цел во билатералната трговска размена е да достигне бројка од две милијарди долари.

Поздравувајќи го големиот интерес на турските инвеститори за Хрватска, особено во секторите туризам, банкарство, градежништво и обновливи извори на енергија, Фидан рече дека е особено задоволство да се слушне од неговиот хрватски колега дека се задоволни од работењето на турските компании.

„Настаните на Балканот имаат директно влијание врз нашите земји. Во наш интерес е да ги зачуваме мирот и просперитетот во регионот. Босна и Херцеговина, земјата што граничи со Хрватска, ни е важна. Како што знаете, ние секогаш ја нагласуваме нашата поддршка за мирот, стабилноста и територијалниот интегритет на БиХ. Среќни сме што ја гледаме истата волја и одлучност од хрватската страна. Сметаме дека е неопходно да се продолжат контактите на високо ниво заради зачувување на мирот и стабилноста во регионот“, рече Фидан.

Изразувајќи ја својата поддршка за продолжување на трилатералниот формат кој ги обединува Туркије, Хрватска и Босна и Херцеговина, Фидан рече дека се согласил со Грлиќ-Радман за неопходноста од што поскоро средба во рамките на овој механизам за меѓудржавна соработка. Тој додаде дека тоа треба да биде во текот на оваа година.

Тој додаде дека тој и неговиот хрватски колега разговарале и за војната во Украина и хуманитарната катастрофа во Палестина и додаде дека се согласуваат дека е неопходно што поскоро да се прекинат конфликтите и страдањата на луѓето.

„Уште еднаш велам дека е неопходно итно да се стави крај на невидениот нехуман масакр што Израел го врши во Појасот Газа и да се отстрани нелегалната опсада. Продолжуваме активно да ги следиме настаните на сите платформи“, рече Фудан и ја повика меѓународната заедница да ги поддржи напорите за воспоставување прекин на огнот во Газа.

AA
Популарни