Таа најави дека наскоро ќе назначи посветен комесар за проширување и дека земјите-членки на ЕУ и земјите од регионот на Западен Балкан ќе се соочат со тешки избори

Проширувањето на Европската унија е инвестиција во нашата колективна сила и безбедност и силна, конкурентна и безбедна Европа ги вклучува Западен Балкан, Украина и Молдавија, изјави во понеделник претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Бледскиот стратешки форум (БСФ).

Во својот говор, Фон дер Лајен се осврна на влијанието на Русија во Европа, посочувајќи дека Москва, напаѓајќи ја Украина, решила „да ги запали мостовите со европските соседи“.

„Путин и неговите пријатели покажаа дека не веруваат во глобален поредок заснован на правила. Тие веруваат дека можат да прават што сакаат, во рамките на нивната таканаречена сфера на влијание“, рече претседателката на ЕУ.

Таа додаде дека низ историјата Балканот често бил граница меѓу световите, меѓу Истокот и Западот.

„Но, нејзините нови генерации избраа поинаков пат. Тие избраа да бидат дел од заедничкото европско семејство. Тие избраа да патуваат, тргуваат и да напредуваат заедно со нивните европски соседи. Сегашното руско раководство, кое живее во минатото, одбива да го прифати оваа едноставна реалност. Секогаш кога има напредок кон помирување и регионална интеграција во Западен Балкан, Кремљ се обидува да ги поттикне старите старите конфликти. Русија постојано се обидува да сее поделби- внатре во самиот Западен Балкан и меѓу Западниот Балкан и Европа, но огромното мнозинство на луѓе на Западен Балкан сака интеграција, а не фрагментација“, рече Фон дер Лајен.

Таа посочи дека за време на нејзиниот прв петгодишен мандат, проширувањето се вратило на врвот на политичката агенда на ЕУ и дека руската војна во Украина била „пресвртница како во 1989 година“.

„Ние живееме во поинаков свет и принудени сме да ги преиспитаме нашите политики и цели. Во ерата на геостратешки ривалства, поголемата Европска Унија ни дава посилен глас во светот. Поголемиот единствен пазар ја зголемува нашата конкурентност и нашата моќ како трговски партнер. Ова ни дава алатки за да одговориме на уцените и нелојалната конкуренција. А тоа ни дава поголема колективна куповна моќ. Проширувањето е инвестиција во нашата колективна сила и безбедност. Со други зборови: Силна, конкурентна и безбедна Европа ги вклучува Западен Балкан, Украина и Молдавија и сите оние чии европски аспирации се совпаѓаат со нивните акции“, рече Фон дер Лајен.

Таа потсети дека ЕУ ги започна пристапните преговори со Албанија, Северна Македонија, Украина и Молдавија и дека Босна и Херцеговина може да биде следна на редот.

„Пред точно една година, започнавме нов План за раст за Западен Балкан. И оваа работа почнува да дава резултати. Да застанеме за момент и да ги славиме овие достигнувања, од кои вие, лидерите на Западен Балкан, со право треба да бидете многу горди“, рече претседателката на ЕК.

Таа најави дека на крајот на овој месец шест земји од Западен Балкан ќе усвојат целосно нови реформски агенди.

„Тие, со наша поддршка, идентификуваа некои далекусежни и често задоцнети реформи, од судските реформи до борбата против организираниот криминал, од јавните набавки до интеграцијата на пазарот на електрична енергија. Овие нови реформски програми се поврзани со шест милијарди евра. Секоја реформа ќе отклучи нови инвестиции“, рече таа.

Таа најави дека наскоро ќе назначи посветен комесар за проширување и дека земјите-членки на ЕУ и земјите од регионот на Западен Балкан ќе се соочат со тешки избори.

„Треба да се решат билатералните спорови. Интеграцијата во ЕУ ќе зависи од тоа што владите ќе донесат тешки и понекогаш непопуларни одлуки. Но ова е време во кое живееме. Одложувањето на одлуките значи носење погрешни одлуки. Но носењето одлуки и движењето напред значи преземање на водечката улога, обликување на својата иднина, да се биде господар на својата судбина. Ова е духот што треба да го имаме за да се движиме низ предизвиците на светот што се распаѓа“, рече Урсула фон дер Лајен.

AA
Популарни