Грациозно издигнувајќи се над вревата од жаби што кркаат додека сонцето заоѓа, пеликан лета над езерото Карла, едно од најголемите водни пространства во внатрешноста на Грција.
Исушено во 1962 година заради борбата против маларијата и повторно обновено од долина во мочуриште во 2018 година за да се санира сушата, езерото сега е тројно од својата нормална големина по смртоносните поплави минатата година.
Како да се надминат последиците од катастрофата се претвори во дебата за иднината на земјоделството во целиот регион на Тесалија.
Земјоделците околу Карла, многумина потомци на луќето од езерото кои преминаа на копно само две генерации порано, видоа дека нивните имоти и стада се десеткувани од минатогодишните поплави.
„Овде стоеше големо поле“, рече Јанис Циантос, син на рибар и еден од ретките луѓе во селото Каналија покрај езерото кои сè уште имаат чамец.
„Овде се возевме со трактори за да собираме бадеми“, рече 57-годишникот, управувајќи со својот чамец покрај полупотонатите обори за животни и насади. Сега е под вода“.
Со Јанис се вози неговиот пријател Апостолос Полимеру, 32-годишен одгледувач на овци.
„Ова порано беше пасиште за четири до пет илјади говеда“, се сеќава тој.
Во септември бурата Даниел, медитерански циклон со невиден интензитет, за само неколку часа испушти неколкумесечен дожд врз Тесалија, најплодната рамнина во Грција.
Потопот, во кој загинаа 17 луѓе, уништи патишта и мостови и удави десетици илјади домашни животни.
Најлошите поплави во историјата
По Даниел, која пристигна веднаш по големиот бран на шумски пожари, само неколку недели подоцна ја следеше бурата Илијас.
Овците на Полимеру сè уште се трауматизирани откако замалку ќе се удавеа минатата година, а тоа што биле чувани во оборите шест месеци им предизвика дополнителен стрес.
„Тие развиваат деформитети во белите дробови и црниот дроб. Да знаевме каде ќе заврши ова, ќе беше подобро да ги оставиме да се удават“, рече тој.
Селото Сотирио на брегот на езерото, некогаш беше опкружено со полиња со пченка и памук, сега се наоѓа на работ на мочуриште.
Темно зелената вода што зуе од инсекти ги покрива полињата. Дури и таму каде што поплавата се повлече, останува само тиња и исушени стебла.
Ангелос Јамалис, трета генерација земјоделец, рече дека неговото семејство изгубило 50 хектари памук, 30 хектари пченица и 15 хектари ф'стаци.
„Тоа беше целосна катастрофа... Дури и по повлекувањето на водата, не знаеме дали полињата ќе бидат продуктивни“, изјави 25-годишникот за новинската агенција АФП.
„Целата наша иднина ја засновавме на оваа област, на овие култури“, рече Јамалис, додавајќи дека на новите дрвја ќе им требаат најмалку седум години за да вродат со плод.
Иднината на памукот
Грчките власти не дадоа временска рамка за закрепнување и има спротивставени ставови за тоа како да се оди напред.
Властите во Тесалија се залагаат за ископување на голем канал што ќе ја пушти водата да истече во Егејското Море.
Но една холандска компанија за управување со вода, која ја советува грчката влада, се залага за поинаков пристап, кој има за цел не само да ги спречи поплавите, туку и да ја спречи идната суша.
Фирмата, ХВА Интернешнал, предлага изградба на десетици мали брани кои ќе ја задржуваат дождовницата во планините.
„Тесалија, исто така, треба да ја преиспита својата зависност од памукот“, изјави за АФП Милтиадис Гкузурис, извршен директор на фирмата со седиште во Амстердам.
„Регионот треба да се оддалечи од производството на памук додека има уште време да се зачува она што останува од неговите подземни резерви на вода“, рече тој.
„Ако продолжиме да пумпаме вода од 30.000 дупки што се наоѓаат во областа... тогаш подземниот слој кој се состои од пропустливи или скршени карпи ќе биде исцрпен до такво ниво што морската вода ќе може да навлезе“, рече тој во интервју.
„Нема да можат ништо да наводнуваат“.
Грција е главниот производител на памук во Европската унија, со 80 отсто од производството.
На Шпанија отпаѓаат преостанатите 20 проценти.
И иако памукот претставува помалку од 0,2 отсто од вредноста на европското земјоделско производство, тој има „силно регионално значење“, велат од ЕУ.
„Ќе има војна“
Гкузурис возвраќа со констатација дека одгледувањето памук „само по себе не е профитабилно и сите го знаат тоа“.
„Пресметуваме дека ако тоа продолжи со ритамот што го имаме денес, во рок од 15 години ќе имаме неповратна ситуација“, рече тој.
Гувернерот на Тесалија, Димитрис Куретас е одлучен против отфрлање на памукот, сè уште профитабилна индустрија за локалното население.
„Ќе има војна“, предупреди тој на Фејсбук минатиот месец.
Куретас, професор по биохемија образован на Харвард, избран за гувернер во октомври, тврди дека памукот носи 210 милиони евра приход за 15.000 семејства во Тесалија и е клучен извоз за Грција.
Дополнителни 65 милиони евра доаѓаат за субвенции од ЕУ, напиша тој.
„Не можете да го замените памукот од еден ден до друг“, рече Јамалис, одгледувач на памук во Сотирио.
„Инвестирани се многу пари... Повеќето земјоделци се против ова“, продолжи тој. „И не е дека овошје и мешунки бараат помалку вода“.
Назад кај езерото, Полимеру рече дека ќе донесе некои тешки одлуки за неговата иднина во овчарството во следните три месеци.
„Не сакам моето семејство да трпи немаштија. Сакам да работам некаде каде што ми даваат пари, а не тага“, рече тој.