Грчката разузнавачка служба призна дека прислушкувала новинар     Фото: АА (Архива)

Грчката национална разузнавачка служба (EYP) призна дека прислушкувала новинар кој работел за „Си-ен-ен Грција“ (CNN Greece), објавија локалните медиуми.

Цитирајќи го Ројтерс, весникот „Авги“ (Avgi) објавен во Атина, пишува дека Панајиотис Контолеон, раководителот на разузнавачката служба, минатата недела пред Комисијата за институции и транспарентност на Парламентот рекол дека агенцијата го прислушкувала новинарот Танасис Кукасис.

Сослушувањето на комисијата зад затворени врати дојде откако Никос Андрулакис, лидерот на социјалистичката опозициска партија ПАСОК, се пожалил на обвинителите за обидот да се хакира неговиот мобилен телефон со софтвер за следење.

Портпаролот на Владата, Џанис Оиконому, тврди дека грчките власти не користат шпионски софтвер што наводно бил користен за прислушкување на Кукасис и не соработуваат со компании кои го продаваат.

Жртвата на прислушкувањето, Кукасис, на медиумите им рече дека не знае како претставува закана за националната безбедност како новинар кој известува за економската политика и банкарскиот систем.

Во весникот се наведува дека случајот на Кукасис излегол на виделина во април и дека главната опозициска партија СИРИЗА-ПС повикала на испитување на наводите од комисијата на Парламентот.

„Барањето било одбиено“, се вели во извештајот и се додава дека дури откако Андрулакис ја поднел жалбата до обвинителите на крајот на јуни, молбата на СИРИЗА-ПС и ПАСОК-КИНАЛ за свикување на комисијата била прифатена и следувала расправа.

Според извештајот на „Авги“, СИРИЗА-ПС побарала од премиерот Киријакос Мицотакис да ги расветли двата случаи, за кои вели дека вклучуваат употреба на софтвер за надзор „Предатор“, наведувајќи важни прашања за демократијата и граѓанските права.

Во меѓувреме, Димитрис Пападимулис, висок пратеник од СИРИЗА-ПС, остана на ставот дека Владата се однесува сомнително како да се обидува да скрие тајна.

„Прашањето беше широко истакнато во европските медиуми, додека во исто време беше скандалозно деградирано од првиот момент во провладините грчки медиуми“, рече тој.

Слично на тоа, „е-тетРадио“ (e-tetRadio) го привлече вниманието со тоа дека грчките медиуми се обидуваат да ја намалат големината на скандалот со прислушкувањето.

Медиумот „Ефсин“ (Efsyn) истакна дека Мицотакис како политички шеф на службата за разузнавање има целосна политичка одговорност за скандалот.

AA
Популарни