Според Мицотакис резултатите покжуваат дека грчкиот народ сака силна влада / Photo: AA

Владејачката партија на премиерот Кирјакос Мицотакис, Нова демократија извојува убедлива победа на парламентарните избори во Грција што се одржаа вчера. Сепак добиените гласови се недоволни за Нова Демократија да формира влада.

Резултатите од речиси 90 отсто од избирачките места покажаа дека Нова демократија освоила 40,8 отсто од гласовите, а по неа е Сириза на поранешниот премиер Алексис Ципрас со 20,06 отсто.

Социјалдемократската ПАСОК-КИНАЛ освоила 11,65 отсто, Грчката комунистичка партија (ККЕ) 7,16 отсто, додека екстремно десничарската партија Грчко решение 4,47 отсто од гласовите.

Со 2,56 отсто, партијата МеРА25 на поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис не успеа да го достигне прагот од 3 отсто за повторно да влезе во Парламентот.

Одѕивот на гласачите, според официјалните бројки, бил нешто над 60 отсто.

Што понатаму за Грција?

И покрај големата победа, партијата на Мицотакис нема да може сама да формира Влада поради последните промени во грчкиот изборен систем. Грчката претседателка Катерина Сакеларопулу на лидерот на најголемата партија ќе му даде рок од три дена да формира коалиција. Ако не успее тоа, мандатот ќе оди кај втората по големина партија, а потоа на третата.

Ако партиите не можат да постигнат договор, претседателката ќе одржи последен состанок со лидерите во обид да се формира влада или да финализира привремена администрација. Во случај и понатаму да нема договор, таа ќе назначи техничка влада која ќе ја води Грција до нови избори, што би се одржале на 25 јуни. Висок судски претставник, кој мора да биде шеф на еден од трите најголеми судови во Грција, ќе биде назначен за технички премиер.

Во вториот круг, системот ќе се насочи на полупропорционална застапеност.

Според овој систем, победничката партија добива бонус од 20 места ако има најмалку 25 отсто од гласовите, и до 50 места доколку има околу 40 отсто.

Мицотакис: Грците сакаат силна влада

Во својата прва изјава по резултатите, Мицотакис истакна дека резултатите од гласачките кутии се стожерни. Според него резултатите покжуваат дека грчкиот народ сака силна влада нагласувајќи дека неговата партија е подготвена за нови избори кои би се одржале следниот месец.

„Ви благодарам од дното на моето срце“, рече тој, обраќајќи им се на поддржувачите во седиштето на партијата.

Лидерот на Сириза, Ципрас, призна дека резултатите се екстремно негативни за неговата партија. Поранешниот премиер рече дека му се јавил на Мицотакис за да му ја честита победата.

„Внатрешните тела на Сириза веднаш ќе се состанат за да ги проценат резултатите“, изјави Ципрас.

Лидерот на ПАСОК-КИНАЛ, Никос Андрулакис, исто така, изрази задоволство од придобивките што ги постигна неговата партија на вчерашните избори.

TRT Balkan / агенции
Популарни