Пошумувањето има клучна улога во заштитата на нашата животна средина, рече министерот Трипуновски / Photo: AA

Халкбанк АД Скопје во соработка со македонските институции ја најави иницијативата „Еден милион садници за пет години“.

Преку оваа иницијатива, Халкбанк презема обврска кон Јавното претпријатие „Македонски шуми“ за спонзорство, при што во текот на оваа година ќе бидат засадени 20 илјади садници, а од 2025 година динамиката ќе се зголеми со засадување на околу 250 илјади садници годишно, со тоа што во 2029 година, ќе се постигне целта од 1 милион садници.

Иницијативата на заедничка прес-конференција ја најавија министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски; главниот извршен директор на Халкбанк АД Скопје, Билал Суџубаши; заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, како и директорот на ЈП Македонски шуми, Златко Трајановски.

Министерот Трипуновски во својата изјава истакна дека ова претставува значајна иницијатива за животната средина, додавајќи дека овој проект предводен од Халкбанк е само еден пример за тоа како корпоративниот сектор може да придонесе во заштитата на животната средина и унапредувањето на заедницата.

„Пошумувањето има клучна улога во заштитата на нашата животна средина, особено кога станува збор за борбата против дегрегацијата на почвата, ублажувањето на климатските промени коишто се случуваат и зачувување на природните ресурси во Република (Северна) Македонија“, рече Трипуновски.

Тој исто така истакна дека проектот е долгорочна инвестиција во одржливи земјоделски практики и во создавањето на здрави еколошки системи, додавајќи дека „секое ново дрво кое ќе биде засадено е чекор напред во зачувување на почвата“.

На прв поглед работиме само за профит, но имаме многу поголеми обврски

Директорот на Халкбанк АД Скопје, Билал Суџубаши, во својот говор истакна дека оваа иницијатива ќе ја реализираат како дел од платформата „Халк еко“, додавајќи дека таа ќе биде најголемиот придонес досега кон подобрување на животната средина, поттикнување на колективната свест и обезбедување на почист воздух.

Суџубаши рече дека платформата „Халк еко“ одбележува 5 години и дека во минатите години се реализирани бројни еколошки и спортски проекти.

Тој истакна дека со засадување на 1 милион дрвја, не само што ќе се придонесе за обновување на деградираните подрачја, туку ќе се зајакне и пошумувањето на национално ниво.

„Ние сме финансиска институција, банка која на прв поглед работи само за профит. Но, надвор од тоа, знаеме дека имаме многу поголеми обврски и можеме да ги исполниме само заедно, колективно, со заеднички напор. Нашите шуми се наследство на нашите предци и наша обврска, наша одговорност кон нашите деца, за почист, попогоден свет за живеење и средина за која сите треба да се стремиме. Во овој контекст, би сакал да кажам дека и ние сме горди што ја поддржуваме оваа иницијатива“, рече Суџубаши.

Со „Халк еко“ до „Халк шума“

Директорот на ЈП Македонски шуми, Златко Трајановски, во својот говор упати благодарност до Халкбанк и истакна дека со ова, банката докажува висок степен на еколошка зрелост и општествена одговорност.

Тој исто така изрази подготвеност неговата институција да помогне при реализирањето на проектот.

„Наша иницијатива е ваквите шуми да добиваат и име, се надевам дека во иднина оваа шума ќе ја препознаеме како Халк шума во Република (Северна) Македонија“, рече Трајановски.

Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, во својот говор ја истакна важноста на засадувањето на дрвјата во заложбите за почист воздух, со оглед на тоа што Северна Македонија се соочува со висок степен на загаденост на воздухот.

Таа исто така рече дека акцијата на Халкбанк претставува симбол на заедничка одговорност.

AA
Популарни