Пријателска Туркије секогаш стоеше покрај нас во нашите најтешки денови, изјави Хасани на заедничката прес конференција со Фидан / Photo: AA

Министерот за надворешни работи на Туркије, Хакан Фидан, ја продолжува официјалната посета на Албанија, а во меѓувреме се сретна и со министерот за Европа и надворешни работи, Игли Хасани.

На крајот на средбата одржана во седиштето на Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија, Хасани и Фидан одржаа заедничка прес-конференција.

Хасани рече дека споделуваат долга историја и искрено пријателство со Туркије.

„Минатата година ја прославивме 100-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу нашите две земји како и 100-годишнината од формирањето на Република Туркије, но секако врските меѓу нас одат многу поназад во времето. Пријателска Туркије секогаш стоеше покрај нас во нашите најтешки денови, како во случајот со разорниот земјотрес од 26 ноември 2019 година, за време на пандемијата на Ковид-19, но и за време на кризата со снабдување со енергија и жито како резултат на инвазијата на Украина од Русија“, рече Хасани.

Тој нагласи дека во моментов односите меѓу двете земји на секое поле, без разлика дали во однос на политичкиот дијалог, размената на полето на економијата, образованието, културата, но и дипломатијата, се одлични и е забележан само раст и консолидација.

„Денеска го одржавме вториот состанок на групата за политички дијалог, механизам предвиден со декларацијата за стратешко партнерство потпишана во јануари 2021 година во Анкара. Овој состанок дополнително го зајакнува стратешкиот карактер и соработката во сите области на интерес на заедничкото билатерално, регионално и глобално ниво. Интензивирањето на политичкиот дијалог меѓу нас е придружено со значително зголемување на билатералната соработка, конкретизирајќи ја со потпишување на низа договори во областа на технологијата, транспортот, енергетиката, одбраната, здравството, туризмот, образованието, животната средина, културата и многу, многу други области“, додаде Хасани.

Шефот на албанската дипломатија истакна дека разговарале за соработка на економски и комерцијален план, додавајќи дека „турските инвестиции изнесуваат околу 3,7 милијарди евра, додека повеќе од 15 илјади Албанци се вработени во 830 турски компании кои функционираат во Албанија“.

Тој додаде дека разговарале за регионалната соработка и можностите за нејзино унапредување врз основа на принципите на добрососедство и инклузивност кои, според него, гарантираат мир, безбедност и демократска стабилност на Балканот.

„Сакам особено да ја ценам Туркије за поддршката на признавањето на Косово на меѓународната сцена и нејзиното членство во различни регионални и глобални организации“, истакна Хасани.

Хасани рече дека го поздравуваат и одобрувањето од страна на турскиот Парламент за прием на Шведска во НАТО, додавајќи дека „сега европската безбедносна архитектура станува сè покомплетна“.

„Со колегата Хакан ги споделивме истите оценки во однос на руската агресија во Украина и изразивме непоколеблива поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во услови на нови предизвици предизвикани, под влијание или поттикнати од контекстот на случувањата во Украина. Постои потреба од зголемување и зајакнување на нашата билатерална соработка и координација со нашите европски и НАТО-партнери за успешно соочување со безбедносните предизвици од сите димензии“, додаде албанскиот министер.

Министерот Фидан се сретна со премиерот Еди Рама, а ќе се сретне и со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.

AA
Популарни