„Блек хок" е во служба на армијата на САД и вооружените сили на 34 други земји ширум светот.            Фото: Ројтерс

Американски хеликоптери „Блек хок“ и беспилотни летала „Бајрактар“ се меѓу најновите поголеми набавки со цел модернизација на армијата на Албанија. Хеликоптерите кои е планирано да пристигнат во септември годинава ќе бидат сместени во воздухопловната база Фарка каде ќе се гради посебен хангар.

Ова го соопшти албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши кој информираше дека во септември ќе пристигнат двата средно-двомоторни хеликоптери „Блек хок“ (Sikorsky UH-60 Black Hawk) од САД.

„Овие хеликоптери ќе бидат сместени во воздухопловната база Фарка. За таа цел ќе биде изграден нов хангар за што се предвидени средства од 407 милиони леки или околу 3,5 милиони евра. Техничките детали за дизајнот се дадени во документите што ја придружуваат тендерската постапка“ рече Пелеши.

Повеќенаменскиот хеликоптер „Блек хок" е во служба на армијата на САД и вооружените сили на 34 други земји ширум светот.

„Повеќе од 4.000 „Блек хок“ авиони од сите типови се во употреба денес ширум светот. Војската на САД е најголемиот оператор со 2.135 доделени воздухоплови. Истото летало продадено на меѓународно ниво директно од Сикорски ја добива ознаката С-70“, наведува весникот „Монитор".

Претходно министерот Пелеши најави дека земјата ќе ја вооружува својата војска со системи за воздушна одбрана со краток дострел „Стингер“ (Raytheon FIM-92 Stinger) и противтенковски ракетни системи „Џавелин“ (Raytheon/Lockheed Martin FGM-148 Javelin).

Беспилотни летала од Туркије

Албанија веќе има потпишано договор за набавка од Туркије на првите три беспилотни летала „Бајрактар” за што владата ќе потроши осум милиони евра.

Земјите од Балканот во последниот период во повеќе наврати го искажаа својот интерес за набавка на некои од производите на турската одбранбена индустрија, првенствено турските дронови „Бајрактар“ кои станаа познати на светско ниво. Албанија e првата земја во регионот која официјално потпишала договор за набавка на овие дронови, a интерес за „Бајрактар“ и за другите производи од турската одбранбена индустрија покажаа и другите балкански земји.

Турскиот производител на беспилотни летала „Бајкар“ на 20 декември минатата година објави потпишување договор за извоз на дронови со Албанија. „Потпишавме договор со Албанија за извоз на „Бајрактар ТБ2“, борбено беспилотно летало“, објави „Бајкар технолоџис“ (Baykar Technologies) на Твитер.

Угледот и меѓународната побарувачка за турските беспилотни летала „Бајрактар ТБ2“ и „Бајрактар Акинџи“ се зголемија низ Европа од почетокот на војната на Русија против Украина во февруари минатата година.

TRT Balkan / агенции
MIA
Популарни