Во пожарот што вчера избувна во зграда во градот Лушње, во Западна Албанија, поради труење со чад хоспитализирани се десетици луѓе.
Според наводите на надлежните, 42 лица се повредени поради вдишување на чад, меѓу кои има пожарникари и неколку деца.
Во гаснењето на пожарот во зградата, во која се наоѓале трговски центар и станбен комплекс, ангажирани се повеќе десетици пожарникарски единици и полициски сили, а на местото на настанот пристигнале министри од Владата на Албанија.
Министерот за внатрешни работи на Албанија, Таулант Бала, изјави дека државната структура реагирала навреме за да одговори на тешката ситуација.
Министерот Бала рече дека ќе биде спроведена целосна истрага за причината на пожарот.
Министерката за здравство и социјална заштита, Албана Коџиу, потврди дека хоспитализираните лица не се во животна опасност.
„Ги посетивме сите граѓани што се хоспитализирани. Сите се вон животна опасност, благодарение на работата на екипата лекари. Сѐ е под контрола и ситуацијата е мирна. Граѓаните ја добија потребната терапија. Според информациите што ги имам, сите се евакуирани“, се наведува во соопштението на Министерството.
Операцијата за спасување траеше 5 часа, пренесоа албанските медиуми.