Министерството за одбрана на Хрватска во четвртокот во Загреб потпиша договор со турскиот производител на беспилотни летала Бајкар за набавка на системот за беспилотни авиони Бајрактар TБ2, објави компанијата.
Договорот го потпишаа хрватскиот вицепремиер и министер за одбрана Иван Анушиќ и извршниот директор на Бајкар Халук Бајрактар.
„Бајрактар TБ2, водечката турска одбранбена платформа, ќе се приклучи на пописот на хрватските безбедносни сили и ќе започне со операции во хрватскиот воздушен простор“, се наведува во соопштението.
Се додава дека со ова уште една членка на НАТО и на Европската Унија го додаде Бајрактар TБ2 на својот инвентар.
„Бајрактар TБ2, опишан од експерти како УЦАВ (борбено летало без екипаж) што ја трансформира природата на војувањето, го фаворизираат земјите во Азија, Африка и земјите-членки на НАТО и ЕУ“, соопштија од Бајкар.
Во соопштението се наведува дека од ноември турски борбени беспилотни летала функционираат во пописот на шест земји членки на НАТО и четири земји членки на ЕУ.
Бајрактар ТБ2, кој влезе во инвентарот на турските вооружени сили во 2014 година, се произведува речиси целосно од домашни извори.
Министерството за одбрана на Хрватска соопшти дека станува збор за набавка на шест модерни, вооружени дронови.
„Вредноста на договорот е 67,01 милиони евра (без ДДВ), а „БајрактарТБ2“ ќе биде во оперативна употреба на хрватската армија до крајот на септември 2025 година“, се наведува во соопштението.
Истакнувајќи ја важноста од брзото прилагодување на одбранбените системи на постојната безбедносна ситуација, Анушиќ рече дека овој нов систем на беспилотни авиони дополнително ќе ги зајакне капацитетите на хрватската армија.