Релативен победник на изборите е ХДЗ со партнерите, кој од 151 пратенички мандат освои 61, недоволно за сама да формира влада / Photo: AA

Конечни се резултатите од изборите за 11-тото свикување на хрватскиот Сабор, што се одржаа на 17 април, утврди во понеделник Државната изборна комисија (ДИП), чиј претседател Радован Доброниќ ќе му ги презентира резултатите на претседателот на Републиката.

ДИП ги утврди конечните изборни резултати откако истече рокот за приговори и жалби, и ги објави на својата веб-страница, а во текот на денот ќе бидат објавени во Народна новине, службен весник на Република Хрватска.

Релативен победник на изборите е ХДЗ со своите партнери, од 151 пратенички мандат освои 61 од нив, недоволно за сама да формира влада.

СДП со своите партнери, односно коалицијата Реки на правдата, има 42 мандати, Татковинското движење (ДП) 14, коалицијата Мост и Суверенисти 11, платформата Ние можеме 10, ИДС и Независната платформа Север имаат по два мандата, а партијата Фокус има еден претставник. Осум мандати имаат припадници на националните малцинства.

Денешното објавување на конечните и официјални изборни резултати значи дека од вторник тече рокот од 20 дена за одржување на првата седница на новиот состав на Собранието, чиј рок е недела, 19 мај.

Собранието на првата седница го свикува претседателот на Републиката, кој не мора да го чека рокот, тоа може и порано, внимавајќи да остави доволно време пратениците навреме да ги добијат поканите за седницата, што беше практиката по сите претходни избори.

Дали на првата седница ќе се конституира Собранието, останува да видиме. Собранието се конституира со избор на негов претседател, за што се потребни гласови од 76 пратеници, односно парламентарното мнозинство, кое засега ниту една партија или коалиција го нема.

HINA
Популарни