Во претходните два изборни циклуси одржани оваа година (избори за Европскиот парламент и избори со Сабор) право на глас имаа околу 3,5 милиони гласачи / Photo: AA

Граѓаните на Хрватска со право на глас годинава по трет пат излегуваат на гласање. По европските и парламентарните избори во таа земја на крајот на декември ќе се одржат претседателски избори на кои граѓаните по осми пат од прогласувањето на независноста во 1992 година ќе избираат шеф на државата.

Иако 11 кандидати досега изразија намера да учествуваат на претседателските избори, истражувањата на јавното мислење во Хрватска им даваат најголеми шанси на двајца - актуелниот претседател Зоран Милановиќ и независниот кандидат поддржан од владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), Драган Приморац.

Покрај Милановиќ, кој меѓу првите потврди дека ќе се кандидира за втор мандат и Приморац, кој по втор пат се кандидира на претседателските избори (прв пат беше кандидат во 2009 година), на гласачкото ливче треба да се најдат и Бранка Лозо, независната кандидатка Марије Селак Распудиќ, Ивана Кекин, која е поддржана од коалицијата „Можемо“, Нико Токиќ Картел, која е поддржан од здружението „Глас на претприемачите“.

Претседателски кандидат на „Мост“ е Миро Буљ, градоначалникот на Сињ, а тука се и поранешните пратеници во Европскиот парламент, Мислав Колакушиќ, Дражен Келеминец, претседател на Автохтона - хрватска партија за права (А-ХСП), Томислав Јоњиќ.адвокат и историчар и Аурора Вајс, новинарка и која наведува дека е советник за меѓународни прашања и безбедност во кабинетот на претседателот на Република Српска Милорад Додик.

Седум избори и пет претседатели

Бројот на кандидати може да биде поголем, со оглед на одредбата од Изборниот закон според која предлозите на кандидатите за претседател треба да се достават до Државната изборна комисија (ДИК) најдоцна во рок од 12 дена од денот на распишувањето на изборите. ДИК ја објавува листата на кандидати за претседател во рок од 48 часа од истекот на рокот за поднесување на кандидатурите.

Претседателските избори во Хрватска се директни и во два круга. Тие се одржуваат на секои пет години, колку што трае мандатот на избраниот претседател на таа земја.

Во претходните два изборни циклуси одржани оваа година (избори за Европскиот парламент и избори со Сабор) право на глас имаа околу 3,5 милиони гласачи.

Мандатот на Зоран Милановиќ истекува на крајот на годината, па се проценува дека првиот круг би можел да се одржи на 22 или 29 декември, а вториот, доколку се случи, по 15 дена, во првата половина на јануари 2025 година.

По прогласувањето на независноста од поранешна СФРЈ, Хрватска одржа седум претседателски избори, на кои беа избрани пет претседатели - Фрањо Туѓман (два мандата, 1992 и 1997), Стјепан Месиќ (два мандата, 2000 и 2005 година), Иво Јосиповиќ (еден мандат 2009/2010), Колинда Грабар Китаровиќ (еден мандат, 2014/2015) и Зоран Милановиќ (еден мандат, 2019/2020).

TRT Balkan / агенции
Популарни