Петнаесет вработени во Управата за јавни приходи се обвинети дека учествувале во крининалот тежок неколку милиони евра, за кој веќе се осудени дузина бизнисмени уапсени во случајот познат како „Синџир“.
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информираа дека обвинителниот предлог е резултат на продолжената истрага како резултат на индиции што произлегоа од доказите во предметот „Синџир“.
Станува збор за петнаесет лица вработени во Генералниот даночен инспекторат на УЈП и Регионалните дирекции на УЈП во Скопје, Битола и Прилеп на кои им се става на товар дека сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување.
Дел од обвинетите биле главни генерални инспектори, управници на регионалните дирекции, началници на даночни инспекторати и раководители на Одделенијата за регистрација и утврдување на даноци во регионалните дирекции.
Според дејствијата содржани во диспозитивот на предлогот, обвинетите од 01.01.2019 до 31.12.2021 година не ја извршиле својата службена положба и овластување со намера да прибават за друг значителна имотна корист или на друг да му нанесат значителна имотна штета.
На тој начин, за дел од фирмите и нивните сопственици и управители опфатени во „Синџир“, кои како даночни обврзници поднесувале задолжителни даночни пријави и годишни завршни сметки, по основ на непресметан и неплатен данок прибавиле значителна имотна корист во износ од 167.918.419 денари предизвикувајќи штета на УЈП во вкупен износ од 206.456.437 денари.
Овинителството, укажувајќи дека во Специјализирано судско одделение за судење на кривични дела од областа на организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје веќе се постапува по предметот „Синџир“, достави и посебен предлог да се спроведе единствена постапка и поднесениот обвинителен предлог да биде споен во веќе оформениот предмет.
Обвинителството во октомври лани покрена истрага против 26 сопственици и управители на 28 фирми од Неготино, Кавадарци, Битола и Охрид, осомничени за злосторничко здружување, даночно затајување и перење пари и други приноси во случајот „Синџир“.
Во пресрет на почетокот на судскиот процес за случајот „Синџир“ во јуни годинава шестмина од обвинетите лица признале вина и се спогодија за условни затворски казни, а во буџетот на државата вратиле речиси еден милион евра.
Во јули уште шестина се спогодија за помали казни со признавање на вина, но добија пет ефективни и една условна затворска казна, но не вратија ништо во буџетот. На останатите обвинети кои не признаа вина ќе им се суди заедно со обвинетите вработени во УЈП, ако Кривичниот суд го прифати обвинението против нив и го спои предметите.