Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против Љупчо Палевски Палчо, првообвинет за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Со тоа се исполнети условите за почнување на судскиот процес против сите петмина обвинети за грабнувањето и убиствата, откако Обвинителството побара одложување на рочиштето против помагачите на Палевски и спојување на двата предмети во еден процес.
„ОJO Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице, кое се товари за едно кривично дело Убиство од чл.123 ст.2 т.1 и т.7 в.в. со чл.22 и едно кривично дело Убиство од чл.123 ст.2 т.1 и т.4 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик, како и за кривично дело грабнување од чл.141 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 и едно кривично дело Грабнување од чл.141 ст.1 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик. Во исто време, надлежниот обвинител поднесе и предлог за спроведување единствена постапка против овој обвинет и уште четири лица кои претходно беа обвинети за истиот настан, со оглед на тоа што во двата обвинителни акти се работи за ист вид кривични дела извршени од повеќе лица како соизвршители, меѓу нивните дејствија постои поврзаност од аспект на време, место и начин на извршување, а постојат и исти докази, информираа од ОЈО.
Основниот кривичен суд Скопје на 8 јули информираше дека го прифатил во целост обвинението против Влатко Кешишов, Велибор Манев, Боре Видевски и Александар Ѓорчевски обвинети за убиството на Ѓорчевска и Жежовски.
Кешишов, Манев и Видевски се товарат за кривични дела убиство и грабнување, додека Ѓорчевски, таткото на Вања се товари за кривично дело помагање при грабнување, бидејќи според обвинението, им дал упатства на киднаперите за времето кога девојчето ќе излезе само за да оди на училиште.
Според обвинението, петмината обвинети заедно испланирале грабнување на 14-годишната Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
„На 22.11.2023, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило “Цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано “Рудник” во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри“, стои во соопштението од ОЈО.
Од Обвинителството понатаму информираат дека четворицата обвинети на 27.11.2023, помогнати од обвинет родител, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата “Наум Наумовски Борче” во Скопје.
„Ја врзале и ја однеле во близина на местото викано “Дупки”, во атарот на селото Бразда, па таму на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице“, велат од ОЈО.
Иако во двете обвиненија е потенцирано дека Палевски, Кешишов, Манев и Видевски заедно со осомничениот Палевски го планирале киднапирањето на Вања за да принудат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откупот, зошто девојката е убиена не е прецизирано.
Според обвинителството, завршена е и истражната постапка за Стефан Димковски, кој го возел Палевски од Србија до Туркије, кој е осомничен за помагање по извршување на кривичното дело.
Постапката против него ќе се води одвоено. Судија во случајот ќе биде Ивица Стефановски, кој е избран преку АКМИС системот.