Осомничените пожарот го запалиле во месноста викана Дупки, во атарот на селото Патишка Река / Photo: МВР на РСМ

Скопјанецот С.А. (59) со синовите А.А.(31) и И.А.(25) се обвинети за подметнување пожар во шума во Патишка Река, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје. На сите тројца им е продолжен притворот.

„Откако спроведе претходна постапка, јавен обвинител од ОЈО Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен предлог против три лица – татко и неговите два сина, кои се товарат дека заедно сториле кривично дело – Предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик. За сите тројца е доставен и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор“, рекоа од ОЈО.

Според обвинението, тројцата на 9 август предизвикале пожар на шумско земјиште во државна сопственост, во месноста викана Дупки, во атарот на селото Патишка Река, општина Сопиште.

„Со запалива течност-моторно масло и бензин полеале и запалиле нискостеблеста шума и суви треви, предизвикувајќи општа опасност за животот и телото на луѓето и за имот од големи размери. Осомничените ги забележал и ги пријавил очевидец, рекоа од ОЈО.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека вчера, четврток, 15.08.2024 година, имало вкупно 53 пожари на отворен простор, од кои во моментов 12 се активни, 6 се под контрола и 35 се изгаснати.

TRT Balkan / агенции
Популарни