Според првичните информации, не биле спроведени сите пропишани мерки за противпожарна заштита / Photo: Град Осиек

Нема опасност од ширење на пожарот во компанијата за преработка на пластика „Драва интернешнл“ во Осијек, но од Владата ќе се бара да прогласи состојба на еколошка катастрофа поради инцидентот, изјавија префектот на Осиечко-барањската жупанија, Иван Анушиќ и градоначалникот на Осијек Иван Радиќ по посетата на местото на пожарот.

Префектот Анушиќ изјави дека пожарот е под контрола, веќе нема закана од негово ширење, ниту има толкав оган на отворено.

Тој посочи дека сега проблем е чадот кој е интензивен и сега е во близина на тлото, а се шири во зависност од насоката на ветрот.

„Тоа е најголемиот проблем во моментов, ја следиме временската прогноза и движењето на ветрот, бидејќи чадот ќе продолжи уште два-три дена. Пожарникарите денеска ќе почнат да го покриваат пожариштето за да спречат понатамошен чад“, објасни Анушиќ.

Тој најави дека заедно со градоначалникот на Осиек Иван Радиќ денеска ќе испратат писмо до Владата во кое ќе побараат прогласување на еколошка катастрофа поради последиците од овој пожар на територијата на неговата жупанија.

„Чекаме извештај за штетите од пожарот и чадот и мислам дека треба да се прогласи еколошка катастрофа за што денеска ќе испратиме барање до Владата. Мораме да го видиме целиот размер на оваа катастрофа, пред се поради чадот што излегува од пожарот повеќе од 24 часа и кој го загадува не само воздухот, туку и почвата“, додаде Анушиќ.

Тој потенцира дека се уште е рано да се зборува за причините за пожарот, но се надева дека ќе дојдат форензичари од Центарот за форензички испитувања и вештачења „Иван Вучетиќ“, кои треба да ги утврдат причините за пожарот и што придонело да биде толку силен и неконтролиран, што резултирало со повреди на тројца пожарникари.

Мерењата на квалитетот на воздухот, пак, покажаа зголемена концентрација на лебдечки честички и присуство на стирен и етилбензен, материи кои се создаваат со согорување на пластика, на местото на пожарот и во Антуновац, додека наодите се нормални на други места, извести Цивилната заштита.

Штабот на Цивилната заштита соопшти дека на мерењето извршено синоќа во Осиек не се откриени никакви загадувачи.

На самото опожарено место и во Антуновац очекувано е констатирана зголемена концентрација на честички и присуство на отровните материи стирен и етилбензен.

Градската управа на Осиек извести дека водата од градскиот водовод е здрава и граѓаните немаат причина да се грижат за квалитетот на водата за пиење.

Пожарот избувна вчера околу 40 минути по полноќ во дворот на компанијата при што се запалила пластичната маса и амбалажа, а огнот се проширил и на објектот.

Според првичните информации, не биле спроведени сите пропишани мерки за противпожарна заштита.

Ова е трет пожар на овој објект во изминатите десет години, но претходните два беа успешно санирани кога избувнаа.

TRT Balkan / агенции
Популарни