Судот во Истанбул осуди четворица обвинети на доживотен затвор за „планираното убиство“ на Јован Вукотиќ водачот на криминалниот „Шкаљарски“ клан во септември 2022 година.
Пред 40. Висок кривичен суд во Истанбул денеска заврши судењето за случајот со убиството на Вукотиќ, кој беше ликвидиран во областа Шишли во Истанбул на 8 септември 2022 година.
По завршните зборови на обвинетите, судечкиот совет ја донесе пресудата. Обвинетиот Радоје Живковиќ е осуден на двојна доживотна затворска казна за „планираното убиство“ на Ристо Мијановиќ и Јован Вукотиќ и на дополнителни седум години, три месеци и 15 дена затвор за „основање и водење криминална организација“ и „фалсификување службена исправа“.
Обвинетиот Жељко Бојаниќ е осуден на доживотен затвор за „планираното убиство“ на Ристо Мијановиќ. Обвинетите Јакуп Доган и Емирџан Сумер се осудени на доживотен затвор за „планираното убиство“ на Јован Вукотиќ и на дополнителни две години и еден месец затвор за „кривични дела во име на криминална организација, иако не се нејзини членови“.
Освен тоа, обвинетите Фуркан Јесил и Еланур Туна, како и обвинетите Есат Чандан и Ерди Ертан во бегство се осудени на затворска казна од 14 години и седум месеци за „помагање во планирано убиство“ и „сторување криминални дејствија во име на криминална организација, иако не се нејзини членови“. По Ертан и Чандан е распишана потерница.
Обвинетиот Милан Вујотиќ е осуден на затворска казна од пет години, два месеци и 15 дена за „членство во вооружена криминална организација“ и „фалсификување службена исправа“, додека поради недостиг на цврсти и убедливи докази е ослободен од обвинението за „планирано убиство“.
И останатите обвинети се осудени на затворски казни за одредени кривични дела, додека за некои дела се ослободени.
Позаднина на случајот
Во обвинението подготвено од Основното обвинителство на Истанбул се наведува дека има долгогодишен конфликт меѓу меѓународните криминални кланови „Кавачки“ и „Шкаљарски“.
Според обвинението, водачот на кланот Шкалјари, Јован Вукотиќ, влегол во Турција на 2 октомври 2021 година, користејќи пасош издаден на име на Предраг Поповиќ.
Организаторите на убиството Радоје Живковиќ и Милан Вујотиќ наводно ги следеле движењата на Вукотиќ и го планирале нападот користејќи ги ресурсите на локалните криминални групи во Турција, по наредба на водачот на кавачкиот клан Радоје Звичер.
Како што се наведува, осомничените за да го извршат нападот воспоставиле контакт со турскиот криминален клан „Чамгозлер“, а Вукотиќ бил убиен во вооружен напад.
Судот го спои овој случај со судењето за убиството на Ристо Мијановиќ, член на Шкаљарскиот клан, кое исто така беше извршено во Истанбул.
Инаку Јован Вукотиќ имаше лажен македонски пасош кој му го издале службеници во МВР, и со таа фалсификувана патна исправа во 2018 година беше фатен од турските власти и екстрадиран во Србија, каде беше осуден на15 месечна затворска казна.