Уште една група илегални мигранти приведени од италијанските власти пристигна во петокот во Албанија, како дел од договорот меѓу Тирана и Рим за трансфер на баратели на азил.
Бродот „Либра“ на италијанската морнарица денеска во утринските часови пристигна во албанското пристаниште Шенѓин во областа Леже и донесе мигранти, кои потоа ќе бидат подложени на забрзани гранични процедури.
Албанските власти не го објавија пристигнувањето на бродот на кој се вели дека превезува осум мигранти, кои ќе останат во центарот додека се разгледуваат нивните барања за азил.
Со центрите формирани во областа Леже управуваат италијанските власти, додека доаѓањето на други мигранти се очекува во наредните недели.
Италија ја испрати првата група од 16 мигранти во Албанија минатиот месец, но италијанскиот суд подоцна одлучи дека нивниот притвор е неважечки, наредувајќи им на властите да ги вратат во Италија.
Судот образложи дека матичните земји на мигрантите не се сметаат за безбедни.
Како одговор на пресудата, италијанската влада, предводена од премиерката Џорџија Мелони, усвои нова регулатива чија цел е да се надминат судските пречки во контроверзниот договор за миграција со Албанија.
Во октомври Италија официјално отвори два центри во Албанија за обработка на барањата за азил.
Италија најави дека не планира да ги раздвојува семејствата и дека ќе прифаќа жени, деца и стари лица, болни и жртви на тортура.
Според петгодишниот договор потпишан во ноември минатата година од италијанскиот премиер Џорџија Мелони и албанскиот колега Еди Рама, до 3.000 мигранти фатени од италијанската крајбрежна стража во меѓународните води секој месец ќе бидат сместени во Албанија.
Овој контроверзен петгодишен договор за префрлање на барателите на азил во земја која не е членка на Европската унија беше пофалена од некои земји кои, како Италија, трпат голем товар од мигрантите.
Сепак, групите за човекови права го критикуваа, предупредувајќи на можни прекршувања на човековите права.