Изгласана техничката влада на РСМ со премиер Талат Џафери / Photo: AA

Собранието на Северна Македонија со 65 гласа „за“ од вкупно 120 пратеници, ја изгласа техничката влада чиј премиер е Талат Џафери.

Во собраниската сала беа присутни 111 пратеници, од кои 65 гласаа за, а тројца против.

Џафери е првиот премиер во Северна Македонија од албанската етничка заедница. За прв пат Џафери за пратеник е избран во 2002 година, а како пратеник беше дел од неколку пратенички состави.

Џафери имал и извршни функции. Во периодот од 2004 до 2006 година ја извршуваше функцијата заменик-министер за Одбрана, а во периодот 2013-2014 година беше Министер за Одбрана. Во 2017 година Џафери е избран за Претседател на Собранието на Република Северна Македонија, функција која ја извршуваше досега.

По изгласувањето на новата влада, премиерот и министрите дадоа свечена заклетва, а потоа премиерот Џафери одржа кратка прес-конференција.

„Со гордост, со чиста совест и со целосна одговорност ја прифатив, подготвив и ја добив оваа доверба на граѓаните преку присутните и нивните претставници во Собранието, и притоа останувам свесен за одговорноста, транспарентноста и отчетноста пред граѓаните и на оние кои во име на граѓаните ја запечатија иднината на оваа држава и судбината на граѓаните на оваа држава“, рече Џафери.

Како што беше најавено, како дел од подготовките за парламентарните избори што се предвидени да се одржат на 8 мај оваа година, на 25 јануари Димитар Ковачевски поднесе оставка од премиерската функција, а потоа Талат Џафери даде оставка од функцијата претседател на Собранието.

Овие случувања произлегуваат од Пржинскиот договор, постигнат во јуни 2015 година, за да се реши тогашната политичка криза во земјата. Според договорот, редовната Влада поднесува оставка и 100 дена пред денот на изборите се избира техничка влада што треба да ги спроведе изборите.

Одредбите од Пржинскиот договор се дел од Законот за Влада, каде што меѓу другото се предвидени неколку министерски и заменик-министерски функции за опозицијата.

Во составот на техничката влада, на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и припаѓаат позициите министер за Внатрешни работи и министер за Труд и социјална политика.

За министер за внатрешни работи е избран Панче Тошковски, а Министерството за труд и социјална политика ќе го води Ѓоко Велковски.

Исто така, за разлика од последниот владин состав, во техничката влада нема да има вицепремиери.

Артан Груби, кој беше прв вицепремиер, сега е министер за Политички систем и односи меѓу заедниците.

Поранешниот вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ; Поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи и поранешната вицепремиерка за политички систем и добро владеење Славица Герковска во техничката влада ќе бидат министри без ресор.

Во декември 2023 година политичките лидери во Северна Македонија се согласија за датумите за одржување на претседателските и парламентарните избори.

Првиот круг на претседателските избори е договорено да се одржат на 24 април 2024 година, а вториот круг на претседателските избори се очекува да се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај 2024 година.

AA
Популарни