Арената Тодор Проески во Скопје во минатото ги носеше имињата Градски стадион и Арена Филип Втори      Фото: АА

Имиња на легендарни спортисти, национални херои, историски личности, уметници, градски населби, паркови, приватни компании носат најпознатите стадиони во регионот.

Причините за имињата се различни- спортски, емотивни или маркетиншки.

Некои кријат интересни приказни. Во продолжение да видиме како ги добиле имињата „Максимир”, „Пољуд”, „Стожице”, „Арена Комбетаре” или „Air Albania”. Кои се Рајко Митиќ, Асим Ферхатовиќ-Хасе, Фадил Вокри, Спиридон Луис?

Арена „Тодор Проески“ во Скопје

Најголемиот стадион во Северна Македонија на кој настапува и македонската фудбалска репрезентација е националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Тука најчесто натпреварите во европските купови ги играат и македонските фудбалски клубови. Познат е како стадионот на Вардар и Работнички, иако Вардар извесен период не настапува на арената.

Името „Тодор Проески” го доби по трагично загинатата и најголема музичка ѕвезда во земјата во 2019 година. Беше познат како Градски стадион се до 2009 година, кога беше преименуван во арена Филип Втори. Една година, од 2016 до 2017 стадионот го носеше името Телеком Арена.

Маракана во Белград стана Рајко Митиќ

Стадионот на Црвена Звезда во Белград е најголем стадион во Србија. Децении наназад познат беше како Маракана со асоцијација на Маракана во Бразил, иако тоа никогаш не било официјално име на овој спортски објект туку бил заведен како Стадион на Црвена Звезда.

Во 2014 година клубот одлучи стадионот да го носи името на Рајко Митиќ, една од основачите и најголемите легенди на „црвено-белите”.

Стадион на ЈНА, Хумска, Партизан

Најголемиот ривал на Црвена Звезда, белградски Партизан натпреварите ги игра на Стадионот на ЈНА (Југословенска Народна Армија). Бил место каде се одржувале парадите за Денот на младоста.

Познат е и како стадионот на Хумска поради адресата на која се наоѓа Хумска 1, на брдото Топчидер или Стадион на ФК Партизан. Пред извесно време имаше иницијатива стадионот да биде именуван по легендарниот фудбалер на Партизан Момчило Вукотиќ-Моца.

Максимилијанов мир или Максимир

Максимир е стадионот на Динамо Загреб на кој најчесто настапува и хрватската фудбалска репрезентација. Стадионот носи исто име со кварт во Загреб и најголемиот парк на чија јужна страна се наоѓа.

Интересна е приказната по која овие локации го добиле името Максимир. Тие се именувани по загрепскиот бискуп Максимилијан. Кога станал загребски бискуп одлучил на местото на старата бискупска шума да изгради парк кој ќе биде подарок за загрепчани кои таму можеле да се одмараат и релаксираат. Паркот бил изграден во 1794 година и тогаш го добил името Максимилијанов мир или скратено Максимир.

„Пољуд” по латински назив за мочуриште

На стадионот Пољуд во Сплит настапува Хајдук и репрезентацијата на Хрватска     Фото: AA AA

Пољуд во Сплит е вториот по големина стадион во Хрватска. На него настапува Хајдук, но и хрватската репрезентација. Стадионот се наоѓа во истоимената сплитска населба по која го добил и името. Но називот Пољуд потекнува од латинскиот назив Палудес кој значи мочуриште. Овој дел од градот каде се наоѓа и стадионот во минатото бил познат по големи водни површини.

Олимписки стадион Кошево-Асим Ферхатовиќ – Хасе

Стадионот во Сараево е изграден во 1947, а реконструиран во 1987 година     Фото: AA AA

Стадионот во Сараево е најпознат и најголем стадион во Босна и Херцеговина. Изграден е во 1947 година, а во 1987 беше реконструиран за Зимската олимпијада во Сараево. На него настапува истоимениот клуб, но и репрезентацијата на БиХ. Во минатото познат како Кошево по областа во која е лоциран, а во 2004 е преименуван во „Олимписки стадион Кошево-Асим Ферхатовќ-Хасе“ по легендарниот фудбалер на фудбалскиот клуб Сараево.

Стадионот во Приштина именуван по Фадил Вокри

Стадионот на кој настапува ФК Приштина и репрезентацијата на Косово до скоро беше познат како Градски стадион Приштина. Изграден е во 1951 година. Од 2018 година го носи името на Фадил Вокри прославен фудбалер кој беше и претседател на Фудбалската федерација на Косово.

Стадионот во Албанија предизвика дебата во земјата

Арена Комбетаре или Air Albania е најмодерниот стадион во Албанија. Отворен е во 2019 година. Токму неговото име беше причина и за превирања. Сега официјалното име на стадионот е Air Albania. До скоро беше познат како Arena Kombetare (Национална Арена). По обновата во земјата се разви дебата за тоа дали стадионот треба да го носи името на Кемал Стафа, национален херој од Втората светска војна, да се нарекува Arena Kombetare или да добие име по некоја значајна спортска или историска личност. Сепак подоцна од маркетиншки причини овој стадион го носи името Air Albania.

Парк, област и стадион Стожице

Стожице и Градскиот стадион во Подгорица се стадиони каде настапуваат Олимпија Љубљана, Будуќност Подгорица и репрезентацијата на Црна Гора. Стадионот Стожице го добил името по областа во која се наоѓа, а постои и парк со исто име.




TRT Balkan
Популарни