Какво оружје годинава купија земјите од регионот?      Фото: TRT Balkan 

Системи за противвоздушна опрема, борбени авиони, беспилотни летала се меѓу она што во последен период го купија земјите од Западен Балкан или најавија дека се заинтересирани да го набават.

Неизвесно е дали војната што Русија ја започна во Украина и новите околности го стимулираа купувањето оружје од страна на земјите од Западен Балкан или се следат последните воени трендови за опремување на вооружените сили.

Во продолжение дел од покрупните воени набавки на државите од регионот оваа година.

Француски систем за противвоздушна одбрана во Северна Македонија

Меѓу последните најаваени набавки за Армијата на Северна Македонија е системот за противвоздушна одбрана од Франција. Министерство за одбрана веќе ги направи првите чекори неопходни за набавката. Системот за противвоздушна опрема чини 66 милиони евра, а месецов требаше да биде платена првата од четирите рати. Оружјето ќе може да се користи за три години.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска изјави дека се работи за долгорочен проект, не постои опасност за напад врз земјата, но дека ваквите инвестиции се дел од стратешкото и долгорочно планирање на одбраната.

Исто така според планот за модернизација на армијата и програмата што ја усвои Владата на Северна Македонија, од САД ќе набави и оклопни возила, специјални возила за посебни намени и артилериски системи.

Србија со слична набавка од Кина

Србија годинава го претстави системот за противвоздушна одбрана кој го набави од Кина. Се работи за ракетниот систем ФК-3 со среден дострел. Според началникот на Генералштабот на војската на Србија Милан Мојсиловиќ, со ова воздушниот простор на Србија ќе биде обезбеден. Оваа земја според претседателот Александар Вучиќ годинава очекува и 11 воени и два полициски хеликоптери.

Според француските медиуми, најголемата набавка на оружје во Србија допрва треба да следува. Односно се очекува набавка на 12 борбени авиони „Рафал” од Франција.

Набавката на „Бајрактар” во Албанија пред реализација?

Во Албанија последниов период е актуелна набавката на шест дронови Бајрактар кој Албанија треба да ги набави од Туркије. Премиерот на Албанија Еди Рама изјави дека при неговата последна посета на Туркије се разговарало за купување на дроновите. За шесте беспилотни летала Албанија ќе плати шест милиони евра. Дроновите би требало да имаат повеќекратна намена односно следење лица по кои се трага и контрола на територијата на државата.

Американски противтенковски системи во БиХ

Сложеното државно уредување е пречка за поширок консензус во Босна и Херцеговина меѓу сите ентитети во општеството за набавка на оружје. Сепак во април годинава беше постигната согласност за набавка на воена опрема од САД.

Според началникот на штабот на заедничките вооружени сили на Босна и Херцеговина Сенад Машовиќ, договорена е набавка на противтенковски системи „Џавелин”.

Претставници на БиХ и САД разговарале и за набавка на системи за противвоздушна одбрана и ракети со краток и среден дострел.

Набавка од девет милиони евра во Косово

Околу девет милиони евра чинеше една од последните набавки на вооружување во Косово, наменета главно за граничната полиција. Пред два месеци беше набавено оружје во вредност од 1,6 милиони евра, оклопни возила, водени топови и блиндирани лимузини во вредност од 7,1 милиони евра, како и специјализирана опрема вредна 280.000 евра.

Црна Гора купи оклопни возила од САД

Армијата на Црна Гора во септември годинава набави оклопни возила од САД. Набавката се состои од вкупно 67 оклопни возила. До 2023 година треба сите да пристигнат во Црна Гора.

Со овие оклопни возила ќе бидат опремени две пешадиски чети во Армијата. Црна Гора стана првата европска земја членка на НАТО која ќе ги користи возилата „Ошкош“. Вредноста на набавката изнесуваше 36,1 милиони долари.

TRT Balkan
Популарни