КФОР ги поздрави последните гаранции добиени во писмена форма од министерот за одбрана на Косово / Фото: AA

Меѓународните мировни сили под водство на НАТО алијансата (КФОР) добија гаранција дека Косовските безбедносни сили (КБС) нема да бидат распоредени на север без нивно одобрение.

Распоредувањето на Косовските безбедносни сили (КБС) на север бара претходно одобрение од командантот на КФОР, врз основа на договорот од 2013 година меѓу косовските власти и НАТО.

КФОР ги поздрави последните гаранции добиени во писмена форма од министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци, за почитување на договорот.

„Согласно договорот НАТО-Косово, секое преместување на КБС на северот на Косово бара претходно одобрение од командантот на КФОР. Го поздравуваме континуираното почитување на оваа обврска и најновата писмена гаранција, која го одразува редовниот дијалог на КФОР со претставниците на безбедносните организации во Косово и косовските институции“, се вели во изјавата на КФОР за КОХА.

Се додава дека транспарентната комуникација и навремената координација се клучни за одржливата безбедност на Косово и регионалната стабилност.

Маќедонци во четвртокот го потврди и испраќањето писмо до командантот на КФОР, во кое, како што рече, ги објаснува околностите за ангажманот на единицата на КБС на северот пред неколку дена.

„Затоа не станува збор за повторно залагање бидејќи заложбата од 2013 година е преземена на ниво на премиер и генерален секретар на НАТО. Ние продолжуваме да го почитуваме ветувањето на поранешниот премиер од 2013 година и покрај нашата оценка дека тоа ветување било погрешно и штетно за нашата војска“, велат Маќедонци.

AA
Популарни