Словенците го избираат нивниот петти претседател од независноста досега , откако на актуелниот Борут Пахор му истекува и вториот мандат, по кој нема право повторно да се кандидира. Во недела граѓаните на Словенија во првиот круг ќе имаат избор од осум кандидати, но според анкетите тројца засега се во трка за влез во вториот круг.
Актуелниот словенечки премиер Роберт Голоб преку неговото либерално „Движење за слобода“ не настапи со сопствен кандидат, туку се реши да му даде поддршка на социјалдемократскиот кандидат на левицата Милан Брглез. Тој засега заостанува на анкетите, иако има начелна поддршка од Голоб како и од матичната СД партија.
На анкетите води Анже Логар, поранешен министер за надворешни работи, како кандидат на конзервативната десничарска партија СДС на екс премиерот Јанез Јанша. Логар има најголеми шанси засега според анкетите да влезе во вториот круг на претседателските избори.
Најмногу ќе биде интересно да се следи настапот на независната кандидатка Наташа Пирц Мусар која е поранешна новинарка и адвокатка специјализирана за заштита на лични податоци, позната по тоа што ја застапувала Меланија Трамп.
Претседателот на Словенија има мандат од 5 години и се избира на општи, непосредни избори кои се состојат од два круга. Во вториот круг продолжуваат кандидатите кои освоиле најмногу гласови, а на крај победник е тој што ќе освои мнозинство од гласовите на денот на изборите.
Во минатото доминирале претежно независни кандидати со поддршка на социјал-демократската партија, а изборите ги изгубија само во 2002 година кога победи Јанез Дрновшек со поддршка на Либерал-демократската партија на Словенија (ЛДС).
На изборите се натпреваруваат уште четворица кандидати - Сабина Сенчар од антиваксерската партија Resni.ca, кандидатот на левицата Миха Кордиш, претставникот на партијата Нова Словенија (НСи) Јанез Циглер Краљ и градоначалникот на Кочевје Владимир Пребилич кандидат на Зелените, но тие многу заостануваат во анкетите и не се очекува да влезат во вториот изборен круг.
Ќе се гласа на 3.183 избирачки места во Словенија, од кои 96 избирачки места за предвремено гласање, а 30 избирачки места ќе бидат отворени во странство.
Во избирачкиот список за неделните претседателски избори запишани се вкупно 1.694.429 гласачи, од кои 107.107 имаат постојано живеалиште во странство.