Нема решение на повидок за кризата во Бугарија / Photo: AA

Резултатите од предвремените парламентарни избори во Бугарија во најголем дел ги потврдија предвидувањата за распоредот на силите за состав на влада и бројот на пратенички места во идното Собрание.

Според она што го соопштува Централната изборна комисија на Бугарија, ниту една опција не е во комотна позиција за состав на идната влада и доколку нема големи изненадувања или поддршка за состав на малцинска влада политичката криза во земјата може да продолжи. Изборите покажаа и дека меѓу гласачите расте поддршката на ултранационалистичките партии од крајната десница.

Борисов со поголема доверба од Петков

По 95,89 отсто преброени гласови, Централната изборна комисија излезе со податок дека коалицијата предводена од ГЕРБ на Бојко Борисов има речиси два отсто поголема поддршка од коалицијата „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија” на Кирил Петков. За коалицијата ГЕРБ-СДС гласале 26,51 отсто од гласачите додека за „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија”, гласале 24,90 отсто.

Ваквите резултати не и даваат комотна позиција на ниту една од двете водечки коалиции. Во ситуација да го добијат мандатот за состав на идната бугарска влада од претседателот Румен Радев во голема мера ќе зависат од коалициите со останатите политички партии. Но знаејќи ги нивните позиции околу ГЕРБ, Бојко Борисов, Кирил Петков и досегашните ставови околу тоа со кого би коалицирале за состав на бугарската влада веројатно е да се очекува дека и во иднина Бугарија може да ја предводи техничка влада.

Иако постоеја и информации за евентуална поддршка меѓу двете првопласирани партии за состав на малцинска влада токму за тоа државата да излезе од кризата во која е подолг период.

Расте поддршката за крајната десница

Ако се анализираат податоците за гласовите на останатите политички партии може да се забележи дека во Бугарија се поголема е поддршката на крајните десничарски опции. Таков е случајот со „Преродба”, која застапува анти-НАТО и про-руски ставови.

Од преброените гласови за „Преродба” гласале 14,38 отсто од избирачите. Тоа е за речиси пет отсто од претходниот изборен циклус, кога партијата имаше поддршка од 10 отсто.

Многу светски медиуми ја анализираат состојбата во Бугарија и причината за тоа ја наоѓаат во поделеното општество и блискоста со Москва.

„Овој ќорсокак се влошува со конфликтот во Украина во општество кое е историски и културно блиску до Москва и е растргнато поради прашањето како да му се помогне на Киев. „Преродба“ ги отфрла сите испораки на оружје за Киев и отворено ја брани идеологијата на Кремљ, истото го прават и социјалистите од БСП – наследници на поранешната комунистичка партија што некогаш владееше со земјата, кои собираат околу 9-10 отсто“, анализира француски “ Монд”.

Движењето за права и слободи останува значаен политички фактор

Според резултатите на Централната изборна комисија поддршката за „Движењето за права и слободи“ (ХОХ), центристичка партија која има длабока поддршка од бугарското турско малцинство и други заедници засега се движи околу 13 отсто. Оваа политичка опција и натаму ќе биде значаен, можеби и одлучувачки фактор при формирање на идната политичка влада во Бугарија.

Петта политичка опција според преброените гласови со 8,97 отсто е Бугарската социјалистичка партија БСП, а потоа следува „Има таков народ” на шоуменот Слави Трифонов со 4,16 отсто поддршка.

За влез во бугарското Собрание неопходно е политичките опции да обезбедат поддршка од минимум 4 отсто.

TRT Balkan
Популарни