Колку чини да станете возач во земјите од Западен Балкан?     Фото: TRT Balkan

Идните возачи во Западен Балкан во просек треба да платат околу 600 евра за да стигнат до возачка дозвола. Тоа се основните трошоци доколку од „прва“ положат теоретски испит, практичен испит со вежби на полигон и испит со возење во реален сообраќај. Поради растот на цената на горивата, многу автошколи ги поскапеа и ценовниците, па така во просек ако сега сте се запишале за стекнување со обука за Б категорија, во просек ќе плаќате околу 100 евра повеќе.

Секаде се бараат лекарски уверенија за здравствената состојба на кандидатот што се дополнителни трошоци. Се полага и испит за прва помош кој чини од 30 до 50 евра. Поради условите кои ги наметна пандемијата со Ковид-19 овој испит се полага претежно теоретски, без практичен дел.

ТРТ Балкан ги анализираше цените што ги нудат автошколите во регионот и колку чини во просек основната обука за идните возачи со Б категорија, а каде со цената е вклучено и полагање на испитот.

Северна Македонија

Автошколите од почетокот на годината наплаќаат повисоки цени за обука на возачи. Цените се движат до 400 евра за основниот пакет на теоретска и практична настава за Б категорија, а поскапени се и цените за изнајмување на возилото на автошколата на денот на полагање, како и влезот во полигонот за учење на вежбите и нивно полагање на денот на испитот.

Некои автошколи нудат и попусти за идните кандидати. Со овие цени идните македонски возачи треба да се подготвени да издвојат суми кои се движат до 700 евра за стекнување со валидна возачка дозвола. Доколку кандидатот не положи од прва, тогаш цената лесно достигнува дополнителни од 100 до 200 евра, а најмногу се преполага „градскиот“ испит.

Србија

Во Србија најниска возраст на која може да се полага возачки испит е 17 години. Цената на часовите за целосно обучување на кандидатот се движи околу 630 евра. Овие цени многу автошколи почнаа да ги применуваат од почетокот на март годинава. Дел од нив во цената нудат покривање на теорискиот и практичниот испит со едно полагање, а некои го покриваат лекарското уверение.

Во Србија на полигон постојат 15 различни задачи, но на кандидатот компјутерот му доделува дел од нив по случаен избор, како и трасата за полагање на испитот во градски сообраќај.

Косово

Косовските автошколи нудат основна обука за идните возачи со 20 часови поминати во практични часови кои чинеа 200 евра, но со новите поскапувања кои датираат од мај годинава идните кандидати ќе треба да плаќаат и до 300 евра за основната теориска и практична обука.

Косово и со поскапувањето и натаму ја има можеби најниската просечна цена на обука на кандидат за возач споредено со земјите од регионот и најнизок минимум на практични часови пред возачкиот испит. Законска дозволена возраст за стекнување возачка дозвола во Косово е 18 години.

Албанија

Во просек, автошколите наплаќаат од 250 до 350 евра само за обука за управување со автомобил, а цените може и да варираат во зависност од бројот на часови и покривање на трошоците за полагање полигон и „градска“. Кандидатот со возачка дозвола може да се стекне со наполнети 18 години.

Босна и Херцеговина

Во Босна и Херцеговина цената се движи од 500 до 600 евра за теоретска настава, практична обука, полагање теорија, прва помош, и возачки испит. Поради огромните разлики во цените за оспособување на возачи во различни делови од БиХ, властите воведоа минимална заштитна цена за автошколите која не смее да ја спуштат. Ако просечната цена за комплетирање на сите обврски е околу 550 евра, во одредени делови на државата потребни се само 255 евра ако кандидатот ги положи сите испити од „прва“.

Црна Гора

Црна Гора според сајтот за едукација на возачи „Зутоби“ беше оцената како една од најтешките земји во светот, а трета во Европа за стекнување со возачка дозвола. Иако цената за обука која ја плаќаат кандидатите се движи од 230 до 290 евра во зависност од возилото, истражувачите сметаа дека Црногорците тешко доаѓаат до возачка дозвола, пред се поради потребните прегледи и одобрувања. Повеќето авто школи во Црна Гора посебно ги наплаќаат и трошоците за полагање на практичен и теоретски испит, и потврда на документи.

TRT Balkan
Популарни