Комеморација по повод одбележувањето на 15 јули - Денот на демократијата и националното единство на Туркије и панел-дискусија на тема „Демократија и соработка во Балканскиот Регион“ се одржаа во Скопје.
Во организација на Меѓународниот балкански универзитет (МБУ), со поддршка на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и Сојузот на турски невладини организации на Македонија (МАТУСИТЕБ), во кампусот на МБУ се одржа настан на кој присуствуваа амбасадорот на Туркије во Скопје, Фатих Улусој, членот на македонското Собрание, Салих Мурат, претседателот на партијата Движење за национално единство на Турците во Македонија, Ердоган Сарач, претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС), Мунир Колашинац, претставници на турските институции и организации во земјата, академици, студенти и други гости.
Зборувајќи на отворањето на настанот, амбасадорот Улусој потсети дека изминаа осум години од обидот за државен удар на предавничката терористичка организација ФЕТО, чија цел беше Република Туркије.
Амбасадорот Улусој, зборувајќи дека обидот за пуч на 15 јули беше спречен со решителниот став на безбедносните сили и турскиот народ под водство на претседателот Реџеп Таип Ердоган, истакна:
„Петнаесетти јули е годишнина на победата на демократијата и гордиот став на турскиот народ. Овој инцидент уште еднаш нѐ потсети за важноста на одбраната на демократијата и националната волја.“
Нагласувајќи дека ФЕТО е сериозна закана не само за Туркије туку и за националната безбедност на секоја земја во која дејствува, особено на земјите што имаат добри односи со Туркије, амбасадорот Улусој рече дека продолжуваат да работат на елиминирање на структурите на ФЕТО во странство и додаде дека, како резултат на тоа, прекинати се активностите на училиштата на ФЕТО во многу пријателски и братски земји.
Посочувајќи дека по 15 јули турската фондација „Маариф“ со отворање училишта што обезбедуваат образование со висок стандард во различни региони спасила голем број студенти да паднат во стапицата на ФЕТО, турскиот амбасадор продолжи со зборовите:
„Северна Македонија е меѓу земјите во кои фондацијата 'Маариф' отвори училишта. Но жалиме бидејќи ФЕТО сè уште продолжува со своето присуство во Северна Македонија.“
„Жално е што училиштата поврзани со ФЕТО дејствуваат под маската на образовни институции, а притоа дури и го злоупотребуваат името на еден од значајните поети на турската литература. Продолжуваме да ги споделуваме фактите за вистинското лице на ФЕТО со нашите колеги во Северна Македонија и очекуваме да соработуваме со нив против оваа опасна терористичка организација.“
Амбасадорот Улусој им се заблагодари на МБУ и на учесниците за организирање ваква програма и истакна дека со почит се сеќаваат на загинатите херои.
Потсетувајќи дека Северна Македонија најостро го осуди обидот за државен удар на 15 јули, пратеникот Салих Мурат рече дека со тоа јасно ставила до знаење дека стои до народот и државата Туркије.
Нагласувајќи дека овој став е показател за тоа колку се силни врските на пријателство и братство меѓу двете земји, Мурат рече:
„Од друга страна, под водство на МАТУСИТЕБ организирани се десетици програми под мотото 'Стража за демократијата'. МАТУСИТЕБ себеси си зададе начело со кое сака на народот на Северна Македонија да му го открие скриеното лице на пучот и вистинското лице на терористичката организација ФЕТО. Во оваа пригода, како сонародник, сакам да изразам благодарност до Турците од Северна Македонија за нивниот национален став и љубов кон Туркије.“
Истакнувајќи дека 15 јули не треба да се заборави, Мурат наведе дека секој има голема одговорност да ја всади свеста за демократијата кај идните генерации.
Ректорот на МБУ, проф. д-р. Љутфи Сунар го опиша 15 јули - Денот на демократијата и националното единство како важна пресвртница за историјата на Туркије и Балканскиот Регион и истакна дека организирале панел-дискусија и комеморативна програма за да се научи што се случува во регионот.
Наведувајќи дека говорниците од Туркије и од Балканот на панелот ќе ги споделат своите ставови на темата од перспективи на своите земји, ректорот Сунар се осврна на важноста на демократијата од аспект на развојот на соработката и стабилноста во Балканскиот Регион.
Заблагодарувајќи им се на ТИКА и МАТУСИТЕБ за нивната поддршка, Сунар рече:
„Денешниот панел ќе ни помогне да разбереме дека тероризмот нема земја. Тероризмот нема етнички корени, националност или религија. Тероризмот за сите нас претставува глобален, универзален проблем. Сите народи, сите земји треба да се обединат против терористичките напади.“
По воведните говори проф. д-р Кире Шарламанов од МБУ беше модератор на панел-дискусијата „Демократија и соработка во Балканскиот Регион“ на која свои презентации имаа членот на Врховниот суд на Туркије, Хамит Јелкен, предавачот на Тетовскиот универзитет проф. д-р Сулејман Баки, претседателот на Муслиманскиот форум на Албанија, Фисник Круја, и професорот на МБУ, Никола Дачев.