На свечената седница во хрватскиот Парламент (Сабор), на која присуствуваа голем број државници, денес е конституиран 11. состав на оваа државна институција.
Пратениците, избрани на 17 април, го избраа Гордан Јандроковиќ од владејачката ХДЗ за претседател на Собранието, што е негов трет мандат на оваа функција.
„Добивањето на довербата од претставниците третпат за извршување на функцијата претседател на хрватскиот Парламент е навистина исклучителна чест. На новоизбраните претставници уште еднаш им го честитам изборот. Некои од вас биле и во претходните парламентарни состави, а многумина од вас првпат ќе седнат во собраниските клупи. На сите заедно ни посакувам успешен пратенички мандат, преку квалитетна и посветена работа да ја оправдаме добиената доверба од нашите граѓани. И токму оваа доверба е клучна бидејќи никој од нас не дојде овде случајно. Да не го заборавиме тоа, ние бевме избрани во овој Горен дом од хрватските гласачи“, рече Јандроковиќ и додаде дека легитимитетот на избраните е неоспорен.
Тој истакна дека се живее во опасен историски период, потсетувајќи дека во Украина и на Блискиот Исток беснеат војни.
„Не може да избегаме од фактот дека и нашето непосредно соседство е потенцијален извор на нова нестабилност. Понатаму, соочени сме со многубројни предизвици предизвикани од климатските промени. Сведоци сме и на енергетска и прехранбена несигурност и нарушувања во глобалните синџири на снабдување, што повлекува далекосежни социоекономски последици. Паралелно, го набљудуваме подемот на популизмот, радикалните и екстремистичките политики што ги нагризуваат нашите демократии однатре. А вчерашниот шокантен атентат на словачкиот премиер Роберт Фицо јасно покажува колку малку понекогаш нѐ дели од вербално до физичко или вооружено насилство“, рече Јандроковиќ.
Првата седница на новиот состав на Парламентот се одржува шест дена откако претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, му го додели мандатот за состав на новата хрватска Влада на претседателот на ХДЗ, Андреј Пленковиќ, кој има 78 потписи за поддршка.