Парламентарното собрание на Советот на Европа (СЕ) денеска во Стразбур го усвои извештајот на известувачот за Косово, Дора Бакојани, во кој се препорачува членство на Косово во таа меѓународна организација без никакви услови.
По дискусијата која траеше повеќе од два часа и во која учествуваа 59 пратеници, за прием на Косово гласаа 131 пратеник, 29 беа против, а 11 беа воздржани. Беше потребно двотретинско мнозинство од присутните претставници на Парламентарното собрание на Советот на Европа од 46 земји-членки.
По денешното гласање во ПС СЕ, останува Советот на министри на земјите членки на Советот на Европа да гласа за членство на Косово, најверојатно на годишниот состанок на министрите на 16 мај.
Известувачот за Косово Дора Бакојани во дискусијата истакна дека Косово е функционална парламентарна демократија со силни гаранции за независноста на судството и основните човекови права.
Бакојани рече дека по нејзиниот извештај имало многу забелешки кои не се поврзани со критериумите за членство, туку со државноста на Косово. Затоа таа ги повика пратениците да ја остават државноста на страна и да гласаат за нејзината препорака за прием на Косово во Советот на Европа.
Во пресрет на денешната расправа и гласање за извештајот, некои делегации во последен момент доставија 15 амандмани. Најголем дел од амандманите поднесе српската делегација која, меѓу другото, побара формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово да биде задолжителен предуслов за прием на Косово во Советот на Европа.
Сите амандмани прво беа отфрлени од Комисијата за политички прашања и демократија, а потоа и од самото Парламентарно собрание.
Единствениот задолжителен услов што му беше поставен на Косово се однесуваше на враќање на 24 хектари земјиште на манастирот Високи Дечани, според пресудата на Уставниот суд на Косово од 2016 година, која Владата на Косово ја исполни на 13 март.
Потоа на 27 март годинава Комитетот за политика и демократија на Советот на Европа го усвои извештајот на Дора Бакојани.
Во април 2023 година, Косово ја помина првата фаза од постапката кога Комитетот на министри на Советот на Европа одлучи да го проследи барањето за членство на Косово до Парламентарното собрание на Советот на Европа, а ПС ја назначи грчката пратеничка Дора Бакојани да подготви извештај за членството на Косово.
Косово поднесе официјална апликација за членство во Советот на Европа во мај 2022 година, откако Русија се повлече за да избегне протерување од меѓународната организација откако воено ја нападна Украина во февруари 2024 година.