На транспарентите што ги носеа граѓаните меѓу другото пишуваше „Европо отвори ги очите“, „Цел живот работев за пензија, на Курти не му ја давам“ / Photo: AA

Со голем протест против укинувањето на динарот на Косово, што го организираше Здружението на обединети пензионери и поддржан од Српска листа, Србите во Северна Митровица побараа од меѓународната заедница да ја укине таа одлука.

Од протестот, кој помина мирно, беше упатен апел да се овозможи продолжување на исплатата на платите, пензиите и социјалните надоместоци од Србија како и досега.

На транспарентите што ги носеа граѓаните пишуваше „Без социјални бенефиции немаме ни храна“, „Европа отвори очи“, „Цел живот пензија земам, на Курти не му давам“ и други.

Душанка Ѓоровиќ од Здружението на обединети пензионери оцени дека одлуката на Централната банка на Косово за укинување на српскиот динар со што, како што рече “оневозможува повлекување на пензиите од Србија“значи укинување на парче леб за косовските Срби и други заедници.

„Од ова место сакам на сите да ја појаснам лагата, голема лага е дека можеме да отвориме сметки во одредени косовски банки и да си ги подигнеме пензиите. Тие банки не ја признаваат исплатата на пари, приливот на пари врз основа на одлуката за нашите пензии донесена од нашиот ПИО, односно не го признаваат српскиот ПИО“, рече Ѓоровиќ.

Светлана Стевиќ, управител на Народната кујна „Девет Југовиќа“, праша како Србите би живееле без динари.

„Велат дека ни се забранети парите, со што ќе си ги нахраниме децата, дали некој ни го слуша плачот или можеби го слушаат, но молчат и не им е грижа. Ние сме народ кој преживеа сѐ и ќе го преживее и ова“, рече Стевиќ.

Меѓу говорниците беше и Драгиша Милојевиќ, доктор и член на Српската листа, кој ја повика меѓународната заедница да ја укине одлуката за динарот и посочи дека според Бриселскиот договор Србија има право да ги финансира своите граѓани на Косово.

Тој потсети дека овој договор предвидува формирање на Заедница на општини со српско мнозинство на Косово, што се уште не е спроведено.

Во меѓувреме, косовскиот премиер Албин Курти им се обрати на српските граѓани во видео порака на српски јазик, велејќи дека одлуката на Централната банка на Косово за забрана на динарот, која стапи на сила на 1 февруари, не ѝ забранува на Србија да им помага на граѓаните на српската заедница во Косово финансиски. Тој додаде дека оваа политика ги штити граѓаните од заканите од организиран криминал, трговија со оружје и перење пари.

Земјите од Квинте и ЕУ бараат Косово да ја одложи примената на Регулативата за ЦБК, со која се дозволува само користење на евра во платежни трансакции во Косово и со тоа се забранува користење на српскиот динар, додека не се најде алтернативно решение.

AA
Популарни