Отворен Балкан, Берлинскиот процес, интеграцијата на регионот во ЕУ и отворените прашања меѓу државите од Западен Балкан беа теми на разговоорт меѓу Ковачевски и Рама / Photo: МИА

Приказната со Отворен Балкан не е завршена и таа ќе продолжи. Граѓаните од трите држави, Северна Македонија, Албанија и Србија ги користат придобивките, порачаа македонскиот и албанскиот премиер Димитар Ковачевски и Еди Рама на денешната прес-конференција по средбата во Скопје.

„Отворен Балкан има поддршка од над 70 проценти од граѓаните во Северна Македонија, Албанија и Србија. Сите иницијативи се мерат според резултатите. Надворешно трговската размена на Северна Македонија со Албанија од 2019 година порасна за 40 проценти, а со Србија за 50 проценти. Бројот на туристи од Србија во Северна Македонија од 2021 порасна за 500 проценти”, рече Ковачевски.

И премиерот Рама со слична оценка за бенефитите од иницијативата.

„Илјада пати да се вратам назад повторно ќе го основам Отворен Балкан.Луѓето тргуваат и се движат слободно”, рече Рама.

Ковачевски и Рама се согласни дека Отворен Балкан не е во спротивност со Берлинскиот процес и дека крајната цел на регионот е интеграција во ЕУ.

„Отворен Балкан не ја заврши својата мисија, со оглед на тоа што таа иницијатива се залага за истите вредности за кои се залага Берлинскиот процес, како поголем процес кој ги вклучува сите без исклучок”, истакна премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски.

Рама пак изјави дека Отворен Балкан и натаму ќе постои иако сега треба да му се посвети повеќе внимание на Берлинскиот процес.

„Ако сакате да ви обзнанам вест за смртта, тоа го немам и нема да го направам. Животот е убав затоа што секој може да си ја пее својата песна во слобода и демократија. Секој може од вас може да си одбере да си ја пее својата песна, кој очекува дека Отворен Балкан потфрлил, нека си ја отпее таа песна за крај на Отворен Балкан, кој го поддржува нека продолжи да ја пее песната за понатамошниот живот на Отворен Балкан”, рече премиерот на Албанија.

Во насока на европските интеграции тој и забележа на ЕУ дека е потребна поголема финансиска поддршка за земјите од регионот.

Рама: Курти треба да го прими дома тој што му чука на врата

Албанскиот премиер Еди Рама по Скопје патува и за Приштина. Најавите се дека косовскиот премиер Албин Курти нема да го прими Рама и одбива средба со него. Рама смета дека Курти сепак ќе му отвори врата.

„Курти изгледа заборавил на канонот дека ако некој ти дошол во домот му се отвара вратата и не се прекинува пред да заврши со зборот, изјави Рама.

На албанскиот премиер изминатиов период одредени политички кругови му забележаа дека во односите Белград- Приштина не се ставил на страната на Косово. Сепак тој смета дека најлоша опција е закотвување во минатото и натпреварување за тоа кој е поголем патриот.

“Вистински патриот е тој кој ја сака сопствената земја и не му посакува лошо на другиот”, рече Рама.

Во контекст на односите меѓу Косово и Србија, Ковачевски повика на почитување на меѓународно преземените обврски и го посочи примерот на Северна Македонија која како што рече со компромиси и тешки одлуки за кратко време направила големи промени.

TRT Balkan
Популарни