Премиерот на Косово Албин Курти изјави дека „српската страна непотребно и потполно вештачки се служи со реторика која е во насока на ескалација“ и дека не е заинтересирана за потполна нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Курти на почеткот на седницата на Владата на Косово рече дека на состанокот со престедателот на Србија Александар Вучиќ во Брисел на 18 август го елаборирал ставот на Косово за конечен договор со Србија. Курти информираше дека бил подготвен на состанокот во Брисел да остане подолго, но дека српската страна не била заинтересирана за потполна нормализација на односите.
„Тоа беше состанок на лидерите и требаше да разговараме за општата рамка на обврзувачкиот меѓународен правен договор, а не за управувањето со кризата со мали чекори и за потенцијалните безбедносни проблеми. Јас таму бев како премиер на Косово, а не како полицаец, цариник или обвинител, судија, шеф на катастар. Отидов како премиер на Косово бидејќи првата точка се однесуваше на општата рамка на договорот за потполна нормализација на односите”, рече Курти.
Косовскиот премиер истакна дека на вториот трилатерален состанок во Брисел истиот ден било разговарано за актуелните прашања, исчезнатите лица и слободата на движење.
„Во врска со темите за исчезнатите лица немаше подготвеност кај српската страна да го потпише договорениот документ. За договорот за исчезнатите постои текст чија содржина е поготвена, но нема потпис, не поради наша вина. Другата страна не прифати, а можеше да биде потпишано минатата недела”, рече Курти.
Понатаму тој прецизира дека се разговарало за одлуката на владата на Косово да ја примени спогодбата за лични документи која претходно беше постигната во Брисел, а која српската страна ја применува од април 2011 година. Курти наведе дека во врска со слободата на движење, европскиот посредник Мирослав Лајчак изнел четири предлози и дека имало подготвеност за компромис од српска страна.
„Ние бевме отворени за дискусија во тој правец но другата страна ја напушти зградата. Ние како Република Косово бевме заинтересирани за промоција на целосната слобода на движење. Тоа значи дека за нас најприфатлива опција беше елиминација на документите за влез-излез од двете земји. Тоа е најдобро, како што сега нема привремени таблици ниту во Србија ниту на Косово, да нема налепници ниту во Србија ниту на Косово. Додека ги има на едната страна, треба да ги има и на другата”, вели Курти.
Според него за Косово би било најприфатливо потполно признавање на документите што не би значело дека Србија го признава Косово. Тој го наведе примерот на Грција која не го признава Косово, но ги признава сите косовски доументи лични карти, пасоши, таблици.
Според Курти, Косово не преговара повторно за договоорот за слободата на движење меѓу Косово и Србија туку само ги применува договорените елементи од јули 2019 и септември 2016 година. Курти кажа дека Косово не може да носи одлуки кои ја доведуваат во прашање независноста на земјата која ја признаа 22 од 27 земји од ЕУ и 26 од 30 земји членки на НАТО.
Тој ги оцени како невистинити информациите дека српската страна во Брисел била конструктивна и дека имала конкретни предлози.
„Во најдобар случај, имаше условување за асиметрично третирање во рамки на постигнатите договори. Договорот за слобода на движење не се засннова на ентитет или пол туку на место на живеење. Како таков, не прави разлика меѓу граѓаните на северот или југот на Митровица”, рече Курти.
Косовскиот премиер истакна дека не е точно дека барањето на Србија да се произведат неутрални таблици КС е неприфатливо за Приштина, бидејќи на тој начин би се негирала независноста.
Тој наведе и дека заканите за евентуално излегување од косовските институции на претставниците на српската заедница, го сочинуваат „доминантниот наратив на криминалците каков што е Милан Радојчиќ и други кои интеграцијата ја гледаат како наметната опција.“
Курти ги повика српските граѓани на внатрешен дијалог и да не наседнуваат на провокаците на одредени медиуми.
По тензиите на северот на Косово на 31 јули косовската влада во консултација со меѓународните партнери, ја одложи примената на мерките за 1 септември.