Лајчак и Ескобар му предложија на Курти решение за кризата во Косово / Photo: AA

Премиерот на Косово, Албин Курти, синоќа се состана со специјалниот претставник на Европската Унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, и специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави (САД) за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Специјалниот претставник Лајчак по состанокот, кој траеше повеќе од два часа, изјави дека нивната посета има цел да помогне во изнаоѓањето решение за кризата на северот на Косово и дека разговорот со премиерот Курти бил долг, искрен и тежок.

Лајчак истакна дека заедно со Ескобар предложиле три точки за решавање на кризата на северот на Косово.

„Предложивме три елементи во тој контекст. Прво, деескалација на ситуацијата на теренот на северот, второ, брзи нови избори на северот и трето, враќање на дијалогот и процесот на нормализација. Беше тоа долг, искрен и тежок состанок со премиерот за овие прашања“, нагласи Лајчак.

Американскиот пратеник Ескобар рече дека меѓу меѓународните партнери постои единство во барањата што последниве денови ѝ се поставени на косовската страна.

„Соединетите Американски Држави, Европската Унија, НАТО и секој пријател на Косово поставија исти идентични барања. Така што се надеваме дека тие ќе бидат сослушани“, изјави Ескобар.

Тој истакна дека САД се најголеми поборници на безбедноста, независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово.

Ескобар го осуди нападот на насилните српски демонстранти врз војниците на КФОР во Звечан.

Лајчак и Ескобар денес ќе ги продолжат средбите во Приштина, а потоа ќе отпатуваат за Белград.

TRT Balkan / агенции
Популарни