Главните преговарачи на Косово и Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ и денеска во Брисел не успеаја да најдат компромисно решение за користењето на српскиот динар на Косово.
Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак денеска во Брисел беше домаќин на седмата рунда средби со делегациите на двете земји, од 28 февруари до 15 мај, со цел да се најде одржливо привремено решение за луѓето кои се најпогодени од Регулативата на Централната банка на Косово за готовински трансакции.
„По седми пат бев домаќин на главните преговарачи на Косово и Србија за импликациите на Регулативата за ЦБК. За жал, страните не успеаја да се договорат. Подготвен сум повторно да бидам домаќин на средбите ако покажат волја да постигнат заемно прифатливо привремено решение“, напиша Лајчак на мрежата Х.
Портпаролот на Европската унија, Петер Стано, во писмена изјава по целодневните преговори објави дека двете страни не успеале да најдат компромисно решение за преостанатите отворени прашања.
„На овие средби двете страни опширно ги презентираа своите позиции и ги истражија можностите за изнаоѓање заеднички јазик. ЕУ даваше идеи и предлози во текот на целиот процес, а страните успеаја да премостат некои од нивните разлики со цел да обезбедат финансиски текови од Србија кон Косово, вклучително и договор за основање на нов деловен субјект според косовскиот закон, задолжен за привремена распределба на финансиските помош од Србија“, изјави Стано.
Како што истакна, и покрај тоа што ЕУ доставила компромисен предлог со кој во најголема можна мера се усогласени ставовите на страните, страните не можеле да се договорат за неколку клучни прашања, меѓу кои и вкупниот обем на активности на новиот субјект, опфат на корисници на овој субјект и финансиска помош од Србија за институциите во Косово поддржани од Србија.
„Денешната последна средба покажа дека Приштина и Белград не успеаја да најдат компромисно решение за преостанатите отворени прашања. ЕУ жали што денеска не беше можно да се постигне договор. ЕУ оценува дека нема подготвеност да се најде компромисен договор во иднина“, се вели во писмената изјава на Стано.
Тој посочи дека отсуството на договорен пат напред има негативни последици врз секојдневниот живот на косовските Срби и другите заедници низ Косово и е постојан извор на загриженост.
По средбата, главниот преговарач на Косово, Бесник Бислими, изјави дека денеска српската страна дошла со нови предлози за ова прашање, а не со одговор на предлогот на посредникот Лајчак.
Бислими рече дека врз основа на предлогот на Србија, може да се заклучи дека тој има за цел да ги легитимира незаконските паралелни структури и да обезбеди недостаток на транспарентност. Тој рече дека нема логика повторно да се сретнат на оваа тема, бидејќи „Србија не е заинтересирана за решение“.
Главниот српски преговарач Петар Петковиќ изјави дека Србија има шест нови конструктивни предлози, но дека Приштина ги отфрлила сите. Тој посочи дека Србија сака да најде решение.
Регулативата на ЦБК за еврото како единствена платежна валута во Косово стапи на сила на 1 февруари 2024 година. Од крајот на војната во 1999 година, Србија на српското население му плаќа плати, пензии, социјални надоместоци, детски додатоци и други исплати во динари, главно преку Пошта Србија, која има филијали на Косово, но не е лиценцирани од косовските власти.