Лајчак по средбата со косовскиот премиер Курти: Немаме време за губење / Photo: AA

Повеќе нема рокови и кризи и сега може да се разговара за суштината, изјави специјалниот претставник на Европската Унија (ЕУ) за дијалогот Косово - Србија, Мирослав Лајчак по средбата со премиерот на Косово, Албин Курти во Приштина.

По состанокот, што траеше околу еден час во Владата на Косово, Лајчак изјави дека е среќен што денес во Приштина не е поради менаџирање со кризата како што беше во последните месеци поради регистарските таблички. Тој изјави дека од 23 ноември повеќе нема рокови и кризи и дека сега може да се разговара за суштината.

„Сакаме да го искористиме овој момент и да работиме на организирање средба за да се позанимаваме со прашањата за нормализација на односите. Сакаме оваа средба да се случи за неколку недели. Веројатно ќе се вратам многу брзо за да се уверам дека следниот состанок е добро подготвен и како што реков, веруваме дека немаме време за губење. Не се работи за притисок, но мораме да го искористиме овој момент“, потенцира Лајчак.

Специјалниот претставник рече дека тој не е „лице што дава рокови“, туку дека во март ќе се разгледа до кој степен страните постигнале конечен договор, иако додаде дека „зависи од посветеноста и работата на Косово и Србија“.

Говорејќи за напуштањето на косовските институции од страна на српските претставници во општините на северот на Косово, вклучително и полицијата и правосудството, Лајчак рече дека овој безбедносен вакуум не е добар за граѓаните. Тој истакна дека сака полицајците да се вратат на своите работни места и правосудниот систем да се врати на нормална работа.

Средбата на Лајчак со Курти се одржа еден ден по средбата на претставникот на ЕУ со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград.

TRT Balkan / агенции
Популарни