Лажни дојави за бомби одекнуваат на Балканот

Лажни дојави за поставени бомби одекнуваат во речиси сите држави на Балканот во текот на цела 2022 година. За среќа, сите овие предупредувања, кои главно се испраќаат преку електронска пошта, се утврди дека претставуваат лажна закана. Сепак, истото влијае на зголемувањето на загриженоста и несигурноста кај граѓаните, а се трошат и државни ресурси за да се извршат соодветните проверки.

Праксата за пријавување дека е поставена експлозивна направа во балканските земји варира од земја до земја. Во некои земји се испраќаат дојави дека се поставени „бомби“ во образовните, а во други земји во судските институции. Сепак, имаше предупредувања дека експлозивни направи се поставени и на аеродромите.

ТРТ Балкан во продолжение дава преглед на серијата дојави за поставени бомби во земјите од регионот.

Во Северна Македонија мета се училиштата

Веќе неколку недели по ред, средните училишта во Северна Македонија, но неодамна и институциите како Народната банка на оваа земја, се мета на лажни дојави за поставени бомби. Најголема загриженост има кај учениците, кои среде образовниот процес во последните неколку дена често беа принудени да ја прекинат наставата.

Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, во последната изјава за новинарите истакна дека ова се класични примери на хибридни закани. Според него, во соработка со партнерите од земјава се преземаат сите мерки за обезбедување докази од кој било аспект.

„Загриженоста е голема, но целта на овие хибридни закани е токму тоа. Создавање загриженост кај граѓаните, создавање неизвесност, влијание врз институциите, трошење на државните безбедносни служби“, рече министерот Спасовски.

Од 2020 година, Северна Македонија е 30-та членка на НАТО.

Судовите на мета во Хрватска

Главната вест од раните часови на 5 декември во Хрватска беше дека во повеќето судски институции има предупредувања за поставување експлозивни направи. Пред ова, трговските центри во оваа балканска земја, која веќе неколку години е дел од Европската унија, беа мета на лажни дојави за бомби.

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ за време на учеството на самитот на Европската Унија и Западен Балкан во Тирана изјави дека целта на овие дојави е „да ја загрижат јавноста и сите институции“.

Проверките на полициските службеници во Хрватска, како што информираат од државната полиција, утврдиле дека сите дојави биле лажни.

Аеродромот и училиштата во Косово

Во текот на оваа година, безбедносните власти во Косово се соочија со лажен аларм за поставени бомби во неколку образовни институции (училишта и универзитети) како и на аеродромот „Адем Јашари“ во Приштина.

„По претходното известување за закани со експлозивни направи во некои училишта/локации, косовската полиција, односно соодветните единици кои се занимаваат со контрола во случаи на закани со експлозивни направи, извршија контроли на тие локации и на сите проверени локации не е пронајдено ништо сомнително, па дојавите се покажаа лажни“, соопшти пред еден месец косовската полиција.

Пресуда за лажна дојава во БиХ

Во различни временски интервали од почетокот на годинава до денес во Босна и Херцеговина се регистрирани закани со експлозивни направи во јавните институции. За разлика од другите земји во регионот, БиХ веќе има пресуда за лажна дојава за бомба.

Судот кон крајот на ноември прогласи за виновни двајца граѓани и им изрече затворска казна од шест месеци за сторено кривично дело загрозување на безбедноста и лажна тревога. Осудените, според Судот во Сараево, на 5 јули 2022 година, испратиле лажна дојава за поставена бомба во Врховниот суд на Босна и Херцеговина.

Закани за 41 училиште во Црна Гора

Во текот на април, повеќе од 40 училишта во Црна Гора добија електронски пораки дека во нивните згради се поставени експлозивни направи.

Дел од црногорските медиуми ја објавија и содржината на тие пораки. Заканувачите напишале „секогаш сме сонувале за одмазда, ќе дојдеме на училиште, ќе ве убиеме сите“.

И покрај тоа што овие дојави се покажаа како лажни, директорите на училиштата веднаш ја прекинаа наставата.

TRT Balkan
Популарни