Бројот на ученици во основните училишта во Западен Балкан секоја година бележи пад.     Фото: АА

Трендот на намалување на бројот на ученици во Западен Балкан го има насекаде. Сепак, Албанија и Косово водат на листата земји каде што е забележан најголем пад на бројот на ученици во основните училишта во изминатите два образовни циклуса.

Анализата на ТРТ Балкан, за периодот 2020/21 и 2021/22 година, покажува дека состојбата во основното образование не е подобра и во другите држави од регионот.

Албанија со 8.348 ученици помалку

За една година бројот на ученици во основните училишта во Албанија е намален за 8.348 ученици. Станува збор за бројки од ученици запишани во 9-годишно образование во учебните години 2020/21 и 2021/22.

Во учебната 2020/21 година, во Албанија, според Институтот за статистика на Албанија, во предуниверзитетско образование биле запишани 460.819 ученици и (предшколски) деца. Од нив, 286.486 ученици се запишани во основното 9-годишно образование.

Од друга страна, во минатата учебна 2021/22 година во предуниверзитетско образование се запишале 453.989 ученици и (предшколски) деца, од кои 278.138 во 9-годишно образование.

5.931 основци помалку во Косово

Од најновите податоци на Агенцијата за статистики на Косово, се заклучува дека Косово е една од земјите со најголемо намалување на бројот на ученици за една година во регионот.

Во 2021/22 година во Косово во основните училишта имало 217.977 ученици или 5.931 ученик помалку отколку во 2020/21 година, каде вкупниот број на основци изнесуваше 223.908.

3.257 ученици помалку во Босна и Херцеговина

Босна и Херцеговина, исто така, се соочува со забележителен пад на бројот на запишани ученици низ целата земја во последните години.

„Во учебната 2021/2022 година во Босна и Херцеговина се пријавени 264.802 ученици, што е за 3.257 ученици помалку или за 1,2 отсто во однос на претходната учебна година“, велат од Агенцијата за статистики на Босна и Херцеговина.

Соопштено е дека во учебната 2021/2022 година во прво одделение се запишале 28.013 ученици, што е за 1,9 отсто помалку од претходната учебна година.

Основните училишта во Србија со 3.249 ученици помалку

Од година во година се намалува и бројот на ученици во основното образование во Србија. Според податоците на Државната агенција за статистики на Србија, во учебната 2020/21 година имало вкупно 510.576 ученици.

Додека оваа бројка лани е намалена за повеќе од три илјади ученици, односно 3.249 ученици помалку. Врз основа на статистичките податоци, во 2021/22 година во основните училишта во Србија наставата ја посетиле 507.372 ученици.

Во Северна Македонија 900 ученици помалку

Лошата состојба со бројот на ученици во основните училишта е и во Северна Македонија. Точно 187.555 ученици, според Државниот завод за статистика, учеле во основните училишта во 2020/21 година. Во меѓувреме, во учебната 2021/22 година има 900 ученици помалку. Официјалните статистички податоци велат дека во учебната 2021/22 во Северна Македонија имало 186.649 ученици во основно образование.

470 ученици повеќе во Црна Гора

За разлика од другите земји во регионот, во Црна Гора има минимален пораст на бројот на ученици во основните училишта. Врз основа на податоците на Министерството за образование на Црна Гора, во учебната 2020/21 година во оваа земја од Западен Балкан имало 68.506 основци, поточно лани (2021/22) бројот на ученици се зголемил за 470 повеќе и броел 68.976.

TRT Balkan
Популарни