Месиќ: „Невозможно е војната во Украина да се пресели на Балканот“     Фото:

„Невозможно е војната од Украина да се пресели на некој друг простор, а посебно не на Балканот, иако постојат шпекулации за тоа“, вели Стјепан „Стипе“ Месиќ, поранешниот хрватски претседател и последниот претседател на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, во интервју за Агенција Анадолија (АА).

Во контекст на тоа дали може да дојде до нарушување на безбедноста на Балканот поради војната во Украина, Месиќ е дециден:

„Има такви кои не се задоволни од резултатите од онаа војна што беше на просторот на поранешна Југославија, кои би сакале повторно да менуваат граници, тоа се оние кои се на чело на Република Српска во Босна и Херцеговина. Тие луѓе мислат дека денес можат да се менуваат границите, но границите не се променија и по 100.000 мртви. Кому му паѓа на памет повторно да менува граници на Балканот? Тоа е едноставно невозможно.“

Тој истакнува дека до војната во Украина не требаше да дојде затоа што можеше да се реши дипломатски, како и дека поради војната сега се случува катастрофа во која најмногу страдаат сиромашните луѓе, особено граѓаните на Европа.

Надигрување помеѓу Америка, Кина и Русија

Месиќ оценува дека односите помеѓу светските сили се сменети во споредба со минатото. Според него, сега се води годлемо надигрување помеѓу Америка, Кина и Русија.

Запрашан дали очекува Северна Македонија и Албанија да добијат датум за почеток на преговорите со ЕУ, Месиќ истакнува дека евроинтегративниот процес треба да се забрза.

„Можеби и овој судир во Украина ќе помогне да се забрза влегувањето на целиот простор на Западен Балкан во ЕУ“, подвлекува Месиќ.

Односите Бугарија - Северна Македонија и патот кон ЕУ

Во контекст на актуелните односи помеѓу Северна Македонија и Бугарија и бугарското попречување на Северна Македонија на патот кон ЕУ, Месиќ потенцира:

„Тоа е прашање на дипломатијата, тоа е прашање што ќе се решава во од, но не би смеело да биде прашање кое ќе го запре влегувањето на Македонија во евроатлантските интеграции.“

„Косово е реалност и тоа не може да се смени“

Едно од низата отворени прашања меѓу земјите од регионот е дијалогот на релација Белград - Приштина и проблемот околу непризнавањето на независноста на Косово од страна на Србија. Месиќ истакнува дека Србија треба да ја прифати реалноста дека Косово е факт.

„Јас за тоа веќе многу говорев. Мислам дека светот мора да сфати, а потоа и Србија, дека Косово е факт, Косово е реалност и тоа не може да се смени“, истакнува Месиќ.

„Треба да се плашиме од затворање, не од отворање“

Во регионот, актуелно е и прашањето за исправноста на иницијативата за регионална соработка „Отворен Балкан“ во која членуваат Србија, Албанија и Северна Македонија. Месиќ ја оценува како добра идеја.

„Тоа може да биде добра идеја, Отворен Балкан, но отворен (Балкан) помеѓу себе и отворен кон други, тоа може да биде еден чекор и поширокиот простор да се вклучи во овој наш балкански простор и на еден начин меѓусебно да се комуницира. Не е лошо да се отвора просторот, капиталот да може да кружи, граѓаните да можат слободно да минуваат граници, тоа би било добро за сите. Треба да се плашиме од затворање, не од отворање“, уверува Месиќ.

Бенефитите од економската соработка на Балканот со Туркије

За влијанието на Туркије (Турција) на Балканот, Месиќ вели дека е добро економска сила како Турција да биде присутна на овие простори.

„Мислам дека не е некакво посебно влијанието на Турција на Балканот. Турција е една сериозна сила. Турската војска е најсилната војска во НАТО-пактот и Турција е една економски моќна земја, добро е со неа да се комуницира, на одреден начин да се појавува и во економска смисла на просторот на поранешна Југославија, односно на просторот на Балканот. Тоа е добро“, смета Месиќ.

AA
Популарни