Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски изјави дека очекува 3,7 проценти да биде просечниот раст следната година, откако Владата на вчераѓната седница го усвои Предлог-Буџетот.
„На владината седница помина Буџетот и би требало деновиве да се најде и пред пратениците. Очекувам 3,7 проценти да биде просечниот раст следната година. Очекувам во третиот квартал да се движиме меѓу 2,5 и 3 проценти, а во четвртиот квартал меѓу 3 и 3,5 проценти. Не би се изненадил ако биде сѐ како што проектиравме и со инвестициите на компаниите и инвестициите на државата да дојдеме и до четворка. Има уште некои работи коишто треба да отпочнат со функционирање, некои фабрики коишто сѐ уште не се отпочнати“, изјави премиерот на поставувањето камен темелник за изградба на нова градинка во Општина Ѓорче Петров.
Премиерот додаде и дека капиталните инвестиции се на ниво на 50 милијарди од кои 32 милијарди се од Буџетот, останатите 18 милијарди се од тековни програми.
„Буџетскиот дефицит е околу 41-42 милијарди така што очекувам, имајќи ги предвид сите теренски активности коишто се забрзани и очекувам конечно силно учество од Бугарија за Коридорот 8 и тука да почнат да се движат работите. Така што не би се изненадил ако отидеме и ја видиме четворката следната година“, истакна Мицкоски.