Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во вторникот се состанал со земјоделците кои протестираа во Атина и им понудил делумен компромис, објавија локалните медиуми.
Мицотакис на средбата во премиерскиот кабинет останал на ставот дека владата е расположена и сака да најде решенија за проблемите на кои укажаа земјоделците, објави државната новинска агенција АМНА.
За да се постигне договор за трошоците за електрична енергија, Мицотакис рекол дека цената за киловат час ќе биде помала од 0,10 евра за земјоделците кои учествуваат во кооперативни шеми и под 1,11 евра за оние кои имаат заостанати долгови, на кои ќе им се даде шанса да ги подмират заостанатите долгови за електрична енергија на компаниите за дистрибуција.
Во следните осум години, една третина од потрошувачката на земјоделците ќе биде по цена од околу 0,09 евра за киловат час.
Мицотакис најави и авансно плаќање на повратот на Посебниот данок на потрошувачка на земјоделско гориво на земјоделците на крајот на следниот месец. Враќањето е во вредност од 40 милиони евра.
АМНА, сепак, рече дека земјоделците останале фрустрирани поради резултатите од состанокот.
Додека некои сметаат дека повратот од земјоделското гориво е недоволно, други тврдеа дека повеќето земјоделци нема да имаат право на намалена електрична енергија.
Некои земјоделци сакаат да продолжат со протестите, додека некои мислат дека немаат друга опција освен да ги прифатат условите што ги нуди владата.
Делумните отстапки од страна на власта не ги задоволија опозициските партии.
„Најавените мерки докажуваат дека нема емпатија на владата за вистинските проблеми на земјоделците“, рече Василис Кокалис, шеф на одделот за земјоделска политика на најголемата опозициска партија СИРИЗА.
Водачот на социјалдемократската партија ПАСОК, Никос Андрулакис, тврди дека владата се обидува да ја пренасочи одговорноста кон еколошките политики на ЕУ.
„Значи, проблемот не е европскиот зелен договор, како што вие го навестувате и за кој преговарате, туку вашата неспособност е виновна“, рече тој.