Министерот за надворешни работи на Иран: Во најтешки времиња бевме со БиХ / Photo: AA

Народот и Владата на Иран во најтешките времиња беа пријатели на Босна и Херцеговина и на тој пат давање поддршка ќе остане, изјави во Сараево иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан по состанокот со министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина Бисера Турковиќ.

Иранскиот министер изјави дека неговата држава традиционално ја смета Босна и Херцеговина за пријателска и дека, како и досега, и во иднина ќе биде со БиХ и нејзините граѓани.

„Народот и владата на Исламската Република Иран беа пријатели на Босна и Херцеговина во најтешките времиња и ќе продолжат да бидат на тој пат за давање поддршка на Босна и Херцеговина. Без сомнение, нашиот пристап се рефлектира во поддршката на суверенитет и територијален интегритет на Босна и Херцеговина и мирен соживот на сите нејзини народи“, рече Хосеин Амир-Абдолахиан.

Тој се осврна и на неодамна одржаните општи избори во БиХ и изрази надеж дека новоизбраната власт во БиХ ќе преземе мерки и ќе чекори во правец на стабилноста на државата.

Истакна дека со министерката на БиХ договорил што поскоро да се одржи состанок на заедничкиот економски комитет на двете земји, при што ќе бидат разгледани сите прашања за продолжување на дијалогот на соработката.

„Драго ни е што во периодот по пандемијата од коронавирусот дојде до зголемување на обемот на трговската размена помеѓу двете земји во вредност од 53 отсто“, рече иранскиот министер.

Како што рече, на состанокот со Турковиќ разговарал и за примената на санкциите кон Иран, во рамките на нуклеарниот договор, како и војната во Украина.

„Повторивме дека се противиме на војната во Украина, како што се противиме на продолжувањето на оружените судири во некои други делови од светот. На госпоѓа Турковиќ ѝ ги презентирав објаснувањата за постапките на САД и некои други западни земји против Исламската Република Иран во некои области, како што се човековите права. За жал, сведоци сме на тие постапки од САД во однос на тоа прашање со кои се кршат постоечките стандарди во светот“, рече Хосеин Амир-Абдолахиан.

Говорејќи за случувањата во неговата земја, каде во последните недели се одржани бројни антивладини протести, иранскиот министер истакна дека се работи за „врв на странско мешање и планиран терор“.

„Американците ја сакаат нафтата, енергентите на Иран и затоа покренаа кампања. Она што се говори преку медиумите не одговара на реалната слика“, рече шефот на иранската дипломатија, демантирајќи ги информациите дека во неговата земја во последните недели на протестите страдал голем број граѓани.

Како што е најавено, иранскиот министер ќе се состане и со членовите на колективот на двата дома на Парламентарното собрание на БиХ.

TRT Balkan / агенции
Популарни