Европските лидери се подготвени да соработуваат со новата американска администрација на Доналд Трамп / Photo: Reuters

Европските лидери во четвртокот во Будимпешта ја истакнаа својата подготвеност да соработуваат со новата американска администрација на Доналд Трамп, но и Европа да преземе одговорност за својата судбина и да го зачува единството.

„Ќе соработуваме со новата администрација на Трамп“, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по пристигнувањето на самитот на Европската политичка заедница (ЕПЦ), кој се одржува во Будимпешта.

Таа додаде дека „иднината на Европа е во нејзини раце, таа мора да преземе одговорност и да го зачува единството“.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел изјави дека Европската унија има многу заедничко со САД и сака да ги зајакне односите со Вашингтон врз основа на взаемно почитување.

„Мораме да бидеме господари на нашата судбина, не поради Доналд Трамп или Камала Харис, туку за нашите деца. Наша одговорност е да носиме одлуки за да не бидеме зависни од нешто што се одлучува на друго место. Мораме да направиме повеќе за да го зајакнеме нашиот внатрешен пазар, нашата конкурентност, нашите одбранбени способности - веруваме во мултилатерален свет“, рече Мишел.

Финскиот премиер Петери Орпо рече дека европските земји мора јасно да им дадат до знаење на САД дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина се додека тоа е потребно.

Албанскиот премиер Еди Рама, кој ќе биде домаќин на следниот самит на ЕЦП следната пролет, рече дека враќањето на Трамп може да биде „добра работа за Европа“.

„Кога беше избран за прв пат, сите се тресеа од страв бидејќи мислеа дека ќе биде крај на НАТО, но тој стана посилен“, рече Рама.

Лидерите на 47 европски земји, сите освен Русија и Белорусија, беа поканети на самитот на Европската политичка заедница (ЕПЦ), кој беше создаден по руската инвазија на Украина во 2022 година како форум за дијалог и соработка меѓу ЕУ и другите европски земји во решавањето на прашања од заеднички интерес.

TRT Balkan / агенции
Популарни